ССНМ: Полицијата не смее да ја попречува работата на новинарите

од Andreja Salpe

Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ ) бара од Министерството за внатрешни работи да го расветли случајот со полицискиот службеник во Велес кој ја попречил работата на новинарката на порталот дума.мк за време на извршување на нејзините професионални обврски.

Новинарката Стефани Манева во неделата попладне (4 април), како што стои во реакцијата на порталот, излегла на терен за да ја покрие железничката несреќа кај мостот „Гемиџии“ во Велес во која товарен воз прегази човек.

Во еден момент и пришол униформиран полициски службеник од СВР Велес додека Манева собирала информации за немилиот настан, ѝ го одзел мобилниот телефон и ги избришал двете фотографии што ги направила за илустрација на веста.

ССНМ смета дека ваквото однесување на полициски службеници е недозволиво, посебно поради тоа што новинарката јасно се лигитимирала и кажала дека е на работна задача. Затоа, бараме остра и ефективна реакција од надлежните кон полицискиот службеник кој ја оневозможил новинарката на дума.мк да ја извршува својата работна задача. Воедно, ССНМ силно протестира против ваквите инциденти, бидејќи спречување на работата на новинарите и медиумските работници е напад и врз слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните.

Слични содржини