ССНМ: Владините советници да внимаваат на комуникацијата со новинарите

ССНМ предупредува дека советниците на претседателот на Владата на РСМ како и сите други вработени или именувани лица во државната администрација, односно во јавната управа, треба да внимаваат во комуникацијата со новинарите и да имаат поголем праг на толеранција во однос на новинарската работа.

ССНМ како непримерна ја оценува комуникацијата на Елена Митева, советничка на премерот за медиумски настани, со новинарката од ИРЛ Маја Јовановска, која сосема професионално си ја вршела својата работа, истражувајќи можен конфликт на интерес кај советничката Митева. Непримерната комуникација се случила откако ИРЛ објави текст со наслов „Дење во владиниот пиар, навечер во приватниот маркетинг“ во кој се запазени сите новинарски стандарди.

Наместо демант, исправка, реакција, жалба до Советот за етика во медиумите или до Советот на честа при ЗНМ – уставни, законски и саморегулаторни механизми што и стоеле на Митева на располагање, а кои и биле понудени и од редакцијата на ИРЛ, таа се определила за испраќање на СМС до новинарката со дисквалификации и навреди.

Имајќи предвид дека поттикнала и непримерна комуникација на социјалните мрежи каде што нејзини блиски продолжиле непримерна јавна комуникација која придонела и други личности да се вклучат, ССНМ предупредува дека таквиот начин на комуникација е непримерен и може да се разбере како притисок врз слободата и правата на новинарите во извршување на нивната работа.

Слични содржини