СТАДИОН „ВАКЦИНОДРОМ“: Масовна имунизација на Французите на легендарниот стадион во Марсеј

од Nikola Popovski

Познатиот стадион на Олимпик од Марсеј, „Велодром“, од средината на оваа недела привремено ќе стане „Вакцинодром“.

По предлогот на клубот, градските татковци одлучиле спортската арена, која инаку му припаѓа на Градот, да ја претворат во голема надворешна сала за вакцинирање против Ковид-19.

За тоа придонел и фактот што поголем број на дози конечно почнуваат да пристигнуваат во Франција, особено „АстраЗенека“, како и „Фајзер/Бионтек“, со ветување дека овој процес ќе се забрза уште повеќе. Според градските власти, на стадионот ќе има шест „линии за вакцинација“. Велат дека и претходно биле подготвени, но дека им недостигале вакцини.

Клубот не само што го стави на располагање стадионот, туку понуди и помош од неговиот медицински тим, како и волонтери кои ќе ја следат усогласеноста со растојанието во линиите за вакцинација.

Ако на хуманитарен план се одлични, Олимпик на спортски план во неделата доживеа голем срам. Во шеснаесеттото финале на Купот на Франција, тие беа елиминирани од аматерите од Кане од предградието Перпињан со 1:2, од тимот кој го зазема 12-то место во 4-та лига, а чие првенство во моментов е прекинато поради пандемијата.

Тоа само покажува колку е тешка задачата на новиот тренер, Аргентинецот Хорхе Сампаоли, кој од утре и официјално ќе го предводи тимот. Марсеј моментално го зазема 8-то место во Првата лига.

Слични содржини