Стано: ЕУ очекува Приштина и Белград да спречат ескалација на состојбите во северно Косово

од Илинка Илиоска
234 прегледи

Европската Унија очекува од косовските власти да преземат мерки за деескалација на состојбата во северно Косово, но во исто време тоа го очекува и од српската страна, изјави главниот портпарол на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Питер Стано.

– Двете страни имаат обврски и должност да сторат се што можат заедно со нивните сојузници, сателити и партнери за да спречат каква било форма на ескалација, посочи Стано во одговор на новинарско прашање за ставот на ЕУ околу заплената на оружје и српски униформи од страна на косовската полиција во северниот дел на Косово.

Стано нагласи дека доколку ЕУ увиди натамошна ескалација, тогаш нема да остане само на вербални изјави, туку ќе преземе и конкретни мерки за да го спречи постојаниот циклус на ескалација на тензиите и да ги натера Белград и Приштина да се вратат на дијалогот и да работат на имплементација на постигнатите договори.

– ЕУ е загрижена за состојбата во северно Косово, бидејќи во последниов период, со месеци и месеци гледаме еднострани, некоординирани постапки, што водат до ескалација на состојбата. Постојаната ескалација е причината зошто ЕУ воведе рестриктивни мерки кон Косово, додаде Стано.

Запрашан кога може да се очекува извештајот на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел за состојбата во Косово, по што би била донесена евентуална одлука за укинување на овие санкции на Унијата кон Приштина, Стано изјави дека засега не би сакал да шпекулира со некакви временски рамки.

– Високиот претставник ќе го достави извештајот до земјите членки и земјите членки ќе бидат први што ќе знаат кога ќе се случи тоа и што содржи тој. Тоа засега се нема случено, изјави Стано, потсетувајќи дека Борел го подготвува извештајот токму на барање на Советот на ЕУ.

Според Стано, кога извештајот ќе биде доставен до Советот, тој ќе донесе соодветна одлука, по што за содржината на документот и донесените решенија ќе бидат информирани и косовските власти.

Слични содржини