Стариот градски парк во Куманово-мини воздушна бања

од desk4

  Стариот градски парк во Куманово, сместен покрај течението на Липковка, е мини оаза која со столетните дрвја нуди воздушна бања за посетителите во врелите летни денови. Лоциран во близина на автобуската станица паркот во минатото бил култно место за  рекреација на старите кумановци. Извесен период градскиот парк беше запуштен и многу ретко граѓаните се релаксираа во него.

Препознавајќи ја потребата од негова обнова  надлежните од  Јавното претпријатие „Чистота и Зеленило“  цело лето го чистат паркот, и хортикултурно го уредуваат. Екипите на претпријатието ја косат тревата и ги скрастрија гранките. Поставена е и урбана опрема, клупи и корпи за отпадоци.

Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“, Даниел Стојчевски вели дека имаат сериозни планови да го обноват паркот.

– Планираме да засадиме ново цвеќе, нови садници наше сопствено производство од расадниците на претпријатието. Со поддршка на општината планираме да ги обновиме и патеките кои ќе служат како трим патеки за рекрација на младите, вели Стојчевски.

Асфалтната површина во паркот зафаќа околу 5,5 илјади метри квадратни.

На годишно ниво претпријатието одвојува 6,2 милиони денари за одржување на зелено-цветните површини низ градот. Стојчевски вели дека ги ангажираат екипите постојано за уредување на стариот градски парк. Во овој период за негово редовно оддржување се грижат двајца вработени, што не е доволно со оглед на големината на паркот, затоа вели тој, ќе ангажираат  дополнителен број работници.

Стариот градски парк се простира на површина од 38 илјади квадратни метри. Според податоците на претпријатието во паркот има 374 дрвја претежно листопадни, јасен, тополи, липа, диви костени.

– Редовно се мете, оддржува. Насадивме сезонско цвеќе љубичици и џунџули, вели раководителката на техничко-технолошкиот сектор од претпријатието, Благица Јовановска.

Сепак, потенцира потребно е да се инвестира во паркот не толку финансиски, колку со постојан човечки ангажман  за да се врати поранешниот сјај на ова место. За неа, вели најуреден  бил кога почнала со работа во 1995-та година кога, раскажува на секоја страна  имало цвеќе. Според неа, важно е да се воспостави и ред и да се постават информативни табли со пораки за заштита на животната средина и за неуништување на урбаната опрема на двата влеза во паркот.

Минатите години паркот беше осветлен. ЈП „Куманово-паркинг“  постави канделабри. Вложија и приватни лица. Печалбар по потекло од Куманово инвестираше во урбана опрема и постави детско катче во овој парк.

Во стариот градски парк можат да се видат и верверички, еж, желка  а понекогаш се гледаат и диви гуски и шатки. Местото е пријатно за седење дури и во пладневните часови. Близината на реката придонесува воздухот да биде посвеж. Паркот зафаќа приближно осумстотини метри покрај крајбрежјето на Липковка, чие што корито се уредува преку проект на УНДП, општина Куманово и Министерството за животна средина, со поддршка на Јапонската амбасада. Тука е импровизираниот мост кој ги поврзува жителите со градот од другата страна на реката.

Стариот парк постои уште од времето на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, раскажува пензионираниот професор по физичко образование и спортски работник, Милорад Ивановски. Паркот бил место кое привлекувало различни генерации кумановци. Во неделите се собирале семејствата кои се рекреирале пред неделниот ручек. Но, не само за време на викендите, паркот бил полн со деца и возрасни во сите денови од годината, а според Ивановски најинтересно и најживо било во летото.

– На влезот во паркот имаше кругови од цвеќиња се уште длабоко вмрежани во меморијата. Би сакал и сегашните деца да го доживеат тоа чуство на различни бои и мириси, вели Ивановски.

Кумановци се сеќаваат и на старата градска плажа токму во овој дел од градот, покрај стариот градски парк.

– Тука се научив да пливам. Тоа беше убаво место за мојата генерација, раскажува Ивановски.

Плажата ја одржувало друштвото за телесно воспитување „Партизан“. Плажата е изградена 1948 и оттогаш па се до изградбата на фабриките во населбата Бедиње, додека реката се уште била чиста кумановци се капеле во реката и токму на плажата во паркот. Тогашните млади во текот на распустот и студентите максимално уживале во паркот и плажата. Во паркот на подготовки доаѓале  и фудбалерите на кумановските локални клубови, бидеќи  паркот се наоѓа непосредно до градскиот стадион. Во рамки на паркот била и зградата на пораншениот Феријален дом каде се оджрувале и ноќните игранки. Домаќинките после Втората светска војна со колички носеле облека и переле во реката, се присеќава Ивановски. Подоцна и децата од училиштата доаѓале на рекреација  и спортски активности во паркот.

Граѓаните се повеќе имаат потреба од зелени површини, место во кое ќе можат да се рекреираат и спортистите и аматерите, место за прошетка и игра за најмладите. Стариот градски парк е најголема зелена површина во Куманово и бара постојана обнова за да можат и денешните генерации да уживаат во ова парче мини воздушна бања во Куманово.

Александра Максимовска

Слични содржини