(СТАВ) 10 Причини зошто Студентскиот пленум денес смее и треба да се гордее

од Vladimir Zorba

10 причини зошто Студентскиот пленум и поддржувачите на Студентскиот пленум без двоумење можат да прогласат победа, на краток и на среден рок:

[Став] 10 причини зошто  Студентскиот пленум денеска смее и треба да се гордее

1. Ќе има нов закон за високо образование, во него нема да има државен испит. Студентите се обединија токму заради револтот од најавениот државен испит.

2. Студентите се свесни дека власта манипулира и затоа најавуваат будност и непопустливост при изработката на новиот закон.

3. За првпат, од независноста до денес, студентите на јавна сцена демонстрираа демократска критичка мисла, придружена со артукилирана аргументација, конструктивен и аналитичен пристап.

4. За првпат, од независноста до денес, студентите се обединуваат околу демократски вредности. Потсетувам, протестите од 1997 беа против правата на Албанците, а не за било какви демократски вредности.

5. Студентскиот пленум целосно го разобличи и го делегитимира партискиот Студентски парламент и се позиционираше себеси како нова, автентична форма на студентско организирање која ги притисна властите на отстапки

6. Студентскиот пленум обезбеди масовност која им пркоси на институционалните авторитети, појава која е вистинска реткост во Македонија

7. Студентскиот пленум ги мотивира граѓаните на солидарност, барајќи поддршка од сите граѓани, како за учество на протестите, така и за донирање храна и душек при окупацијата.

8. Студентскиот пленум демонстрираше единство на различностите, базирано на состојба на индивидуалниот ум, а не на етничката или каква било друга припадност. Она на што многумина повикуваа декларативно, Пленумот го реализираше во пракса.

9. Студентскиот пленум им одржа лекција на граѓаните дека политичкото не е исто со партиското. Пленумот ја едуцираше јавноста дека секој граѓанин има право и треба да се занимава со политика и дека политиката не им припаѓа само на партиите.

10. Пленумот ја деконструираше пропагандата. Преку симболичното себе-заокружување со црвени кругови, пленумците им порачаа на куририте дека слободната мисла не може да се етикетира како штетна.

Конечно, ова не е победа само на Студентскиот пленум. Ова е победа на граѓанска Македонија и на сите граѓани чии ставови беа артикулирани и презентирани низ активностите на Студентскиот пленум.
И, да не заборавиме, студентите покажаа минимум одважност, на ред се останатите граѓани!/Радио МОФ

loading...

Слични содржини