Сте слушнале ли за „депресивен понеделник“? Еве колку е сето тоа вистинито

од Elena Daskalova

Првпат, терминот „депресивен понеделник“ го воведе туристичката компанија „Скај травел“ во 2005 година, кои тврдат дека го пресметале датумот со помош на математичка формула. Според нив, ова важи само за северната хемисфера.

Ова тврдење се заснова на псевдонаука, односно нема факти и научни докази кои би ја потврдиле точноста. Сепак, ништо не ја руши популарноста на овој, според едни мит, а според други факт, дека третиот понеделник од јануари е токму оној што се нарекува депресивен, тажен понеделник (blue monday).

Според логичното објаснување, третиот понеделник во јануари се поклопува со завршувањето на празничниот период, а луѓето на овој датум најчесто чувствуваат осаменост, празнина, имаат веќе потрошено многу пари и се општо земено, тажни и депресивни.

Многу нации и општествени заедници се борат против овој ден организирајќи дружења во барови или во јавен простор, за да може да се ублажи ефектот на депресивниот понеделник.

„Тажниот понеделник“ го дефинираше психологот Клиф Арнал.

Со примена на формулата [W + (D-d)] x Tq ÷ [M x Na], во која W ги претставува временските услови, D долг, d месечна заработка, T периодот после Божик, Q времето после нашите пропаднати обиди нешто да направиме, M ниско ниво на мотивација, а NA потреба за преземање на акција, тој заклучил дека третиот понеделник во јануари е најдепресивниот ден во неделата.

Според статистиките, јануари е месец во кој најмногу луѓе се разведуваат и месец во кој на Твитер се објавуваат најмногу негативни пораки.

Многумина, меѓутоа, не веруваат во овој феномен.

Професорката Јоланта Берк од Универзитет во Лондон, смета дека „тажниот понеделник“ е депресивен ден само поради верувањето во такво нешто.

„Мислејќи дека денеска е најлошиот ден во годината, посветуваме повеќе внимание на негативните работи околу нас. Ако е тоа ден кој негативно ќе влијае на вашето размислување, емоции и однесување, искористете ги предностите и претворете го во среќен ден. Наместо да им давате значење на лошите работи, бидете свесни за добрите работи кои се случуваат околу вас“, вели Бурк.

Слични содржини