Стејт департментот ги предупреди граѓаните на САД: ВЕДНАШ напуштете го аеродромот во Кабул

од Vladimir Zorba

Американските сили се во завршна фаза на евакуација од Авганистан, а повеќе од 1.000 цивили се уште треба да бидат евакуирани пред единиците да се повлечат.

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека ќе се придржува до договорениот рок, така што САД треба да ги повлечат сите свои единици од Авганистан до вторник.

– Сакаме да обезбедиме дека сите странски цивили и оние во опасност се евакуирани денеска. Силите ќе се повлечат откако ќе заврши овој процес – изјави западен претставник, кој е стациониран на аеродромот во Кабул.

Американски претставник во саботата за Ројтерс изјави дека останале помалку од илјада американски војници, наспроти 5.800 во екот на евакуацијата.

Стејт департментот денеска издаде предупредување до сите американски граѓани да ја напуштат областа во близина на аеродромот поради „специфична, веродостојна закана“, пренесува Би -Би -Си.

Потсетуваме, во самоубиствениот напад во четвртокот во близина на аеродромот во Кабул, загинаа околу 170 луѓе, од кои 13 американски војници.

Бајден денеска полета од заедничката база Ендрјус во Мериленд до воздухопловната база Довер во Делавер за да присуствува на достоинствено збогување од 13 припадници на американската армија убиени во Авганистан.

Слични содржини