Stellantis и LG основаа компанија за батерии

од Vladimir Zorba

Производителот на автомобили Stellantis и производителот на батерии LG Energy Solution потпишаа договор за формирање заедничко вложување за производство на батерии за електрични автомобили, соопштија компаниите.

Батериите од новата фабрика ќе се користат за производство на електрични возила на Stellantis во Соединетите држави, Канада и Мексико, со цел да ја постигнат својата цел повеќе од 40 проценти од американската продажба да се состои од електронски возила до 2030 година, пренесе Ројтерс.

Планирано е фабриката да започне со работа до првиот квартал од 2024 година. Локацијата на фабриката се разгледува и ќе биде објавена подоцна, а почетокот на изградбата на фабриката се очекува во вториот квартал од 2022 година, се наведува во соопштението на компаниите.

„Соработката е дополнителен доказ дека ја исполнуваме нашата цел во производството на електрични автомобили“, рече Карлос Таварес, извршен директор на Stellantis.
Заедничкото производство на автомобили е стратешки проект, додаде Таварез.

„Основањето заедничко вложување со Stellantis ќе биде огромна пресвртница во нашето долгогодишно партнерство“, рече Ким Јонг Хјун, претседател и извршен директор на LG Energy Solution. „LG ќе се постави како производител на батерии за сите потенцијални клиенти користејќи ги нашите колективни, уникатни технички вештини и можности за масовно производство“, додаде Ким.

Партнерството помеѓу двете компании во производството на електрични возила датира од 2014 година, кога Stellantis (тогаш Fiat Chrysler Automobiles) го избра LG Energy Solution (тогаш LG Chem) за снабдување на литиум-јонски батериски систем за првиот електричен миниван во индустријата. Со оваа објава, двете компании се обидуваат дополнително да го зајакнат своето партнерство и да продолжат да ги користат меѓусебните капацитети.

Stellantis планира да инвестира повеќе од 30 милијарди евра во електрификација и развој на софтвер до 2025 година.

Слични содржини