Стоилковски: Презентерката Ејупи е вработена во МНР

од Nikola Popovski

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска на прес-конференција соопшти дека поранешната ТВ-презентерка Бесмира Ејупи е вработена во МНР.

„Бесмира Ејупи, несудената генерална конзулка во Њујорк, од неодамна е нововработена во Министерството за надворешни работи, соработник во одделението за правни работи. Веќе е почната постапка за добивање картичка за евидентирање за влез и на излез на Ејупи, како и влез во компјутерскиот систем, за што според информациите е почната процедура за безбедносен сертификат „доверливо“, нагласи тој.

Стоилковски праша дали вработувањето на Ејупи во МНР и обезбедувањето на сертификат за доверливост „и се потребни за да може полесно да го премостат јазот и скандалот, и конечно да може да ја испратат како дипломат, конзул или амбасадор во Њујорк“.

Од опозицијата бараат одговори и како е можно лице зад кое што се води истрага за огромен финансиски скандал, можни злоупотреби и префрлање огромна сума буџетски пари, сега да биде вработено во МНР.

Ова, според Стоилковски, е срамно и ја покажува вистинската слика за самоволието и девастацијата на македонската дипломатија. За ова, дополни портпаролот, се потребни одговорност и отворање истраги од сите надлежни институции.

Ејупи беше предложена од МНР за шеф на дипломатско-конзуларното претставништво во Њујорк. Сепак, под притисок на јавноста, Владата ја повлече оваа кадровска одлука.

Слични содржини