Стоилковски: Шилегов во изборна година вработува нови 175 административци во ЈСП кое едвај преживува и со градските субвенции

од Andreja Salpe

Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски го обвини советот на град Скопје, односно советниците на СДСМ за поддршката на Петре Шилегов да овозможи нови 175 вработувања во ЈСП -претпријатие кое што ако не се субвенциите на Град Скопје ќе банкротира.

„Еве го тој план, каде што според дописот планирани вработувања заклучно со 31 декември се 175. И според описот во годината во која што се однесува оваа одлука вели 41 пензионирање ќе има во текот на годината, а планирани се 175 нови вработувања. Носење на ваков План и тоа во изборна година несомнено отвора сомнеж дека списоците за овие вработувања веќе се направени.

Да беа вработувани само возачи кои што се дефицитарен кадар на ова јавно сообраќајно претпријатие ќе бевме првите кои што истото ќе го поздравеа, а вака понудениот список укажува на тоа дека ЈСП станува државна јагма за приватни и за партиски цели.

Во година кога 60 илјади луѓе од приватниот бизнис остануваат без работа, кога економијата и официјално е во рецесија, токму на директорот на ЈСП поставен од неработникот Петре Шилегов му притребало после четири години директорување нов оперативен директор. Или пак советник за примена на Законот за јазици. Што ќе го советува и како сега после неколку години од донесениот Закон баш сега му притребал ваков кадар. Или пак работно место инженер за инвестиции, па какви инвестиции кога најголемиот инвеститор на ЈСП е токму Град Скопје.” – вели Стоилковски

Слични содржини