Стојаноски: ДДВ за прехранбени производи да не се плаќа, а за горивата да биде 5 проценти

од Берта Китинска

Почнувајќи од утре нè очекува голем бран на поскапувања поради Владата на Република Македонија, обвини на денешната прес-конференција во Собранието, Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што рече тој, на 11 март годинава Собранието донело Закон за ДДВ со кој се предвидува Владата да донесе одлука за колкав период и кои производи за човечка исхрана ќе бидат ослободени од ДДВ.

„Ваквата одлука Владата ја донесе на 12 март со важност до 31 мај т.е. до денес“, кажа Стојаноски.

„Од утре следниве производи повторно ќе бидат оданочени со 5% ДДВ, т.е. граѓаните уште од утре ќе плаќаат за 5% повеќе. Преку ноќ ќе поскапи лебот, белиот шеќер, брашното ТИП 400, маслото од сончоглед (кое понекогаш го нема на полиците), млеко и павлака, месо, бел ориз и свежи јајца“, посочи претставникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Стојаноски рече дека во април годинава инфлацијата е 10,5%, а потоа читаше колку ваките производи се поскапени за една година.

„Леб и жита за 15%, Месо 10,4%, Млеко, сирење и јајца за 12%, Шеќер, чоколада и кондиторски производи за 12,8%, итн. Како овие проценти да не се доволно високи за власта, па сега дополнително ќе сакаат да ги зголемат за 5%. Каква неодговорност кон сопствениот народ.

Во рамки на овој закон е предвидено и ДДВ за енергентите т.е. бензинот и дизел горивото да биде оданочено со 10%, но само до 31 мај. За потсетување, според Државниот завод за статистика течните горива се поскапени за 53,5% споредено со април 2021 година.

Пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија ќе поднесе Закон со кој производите за човечка исхрана ќе бидат ослободени од ДДВ до 31 декември 2022 година. Дополнително, бараме и ДДВ за течните горива да биде 5% до крајот на оваа година.

Домашниот буџет секојдневно обезвреднува, а владеачката каста се однесува ноншалантно. Итно донесување на овој закон ќе превенира дополнителен раст на цените на основните прехрамбени продукти и токму затоа бараме колегите пратеници од мнозинството да работат во интерес на граѓаните, а не на владеачката елита“, нагласи прaтеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини