Стојков за Извештајот на Стејт Департментот: Бугарија има сѐ помал простор за негација на македонското малцинство

од Nikola Popovski

Извештајот е важен, тоа е еден од најрелевантните извештаи за правата на човекот во светски рамки, затоа е од значење вклучувањето во него на проблемите на македонското малцинство во Бугарија, вели претседателот на ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков во изјава за „Локално“, коментирајќи го Извештајот на американскиот Стејт Департмент за почитувањето на човековите права во Бугарија, особено во делот на етничките Македонци.

Според Стојков, американскиот извештај сам по себе тоа нема да доведе до радикална промена во Бугарија.

-Но секој таков извештај прави просторот за маневрирање на бугарските власти да биде се помал и со тоа се потешко е да тврдат дека нема македонско малцинство и никој не ни ги нарушува правата, кога за тоа се зборува во сите релевантни светски извештаи, појаснува Стојков.

Тој додава дека со ова станува незгодно за бугарските власти да ја обвинуваат Македонија за наводно кршење на правата на малцинствата, „односно за кое не можат да се повикаат на ниту еден таков извештај во последната деценија, осовено кога самите тие се најдени во сериозно нарушување“.

За најавената посета на бугарскиот премиер Кирил Петков во сабота на покана на Културниот центар „Иван Михајлов“ и отворањето на новиот клуб на ова здружение во Битола, претседателот на македонската партија во Бугарија вели дека „начинот на доаѓање на бугарскиот премиер, без средби со македонските власти, а само како гости на бугарско друштво потсетува на посета на колонијалисти во колонија, дури и полошо“.

-Ако информациите што ги видов се точни тогаш е во прашање очигледно понижување за Република Македонија. Сите соседни држави започнуваат да си организираат иницијативи и посети на македонска територија без да се интересираат од македонските власти. Така не се постапува дури и со своја провинциска управа. Притоа отварат простории на организација со име на терорист и соработник на Хитлер, категоричен е Стојков.

Според последниот извештај на американскиот Стејт Департмент се ускратуваат правата на Македонците во Бугарија.

-Властите продолжија да негираат регистрација на етничко-македонски активистички групи како што се Обединетата македонска организација-Илинден, Друштвото на угнетените Македонци-жртви на комунистичкиот терор, Здружението за одбрана на индивидуалните граѓански права и Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, и покрај 14-те претходни одлуки на ЕСЧП дека негирањето ја нарушува слободата на здружување на групите, констатирале од Стејт Департментот.

Н.П.

Слични содржини