Стојковски за Извештајот на ЕУ: Подобриот тон во однос на минатогодишниот може да се смета како дополнителен мотив за побрза реализација на реформите и уставните промени

од Nikola Popovski
240 прегледи

Од негативен извештај минатата година до подобар тон оваа година – вака дел од експертите и аналитичарите во земјава можат да го оценат документот на официјален Брисел за напредокот на Македонија на патот кон европското семејство. Се нагласува дека ова може да послужи како мотив за засилување на реформите, иако истото зависи од политичката волја. Извршниот директор на Преспа Институтот, Андреја Стојковски смета дека Извештајот на Европската комисија за напредокот е значаен сигнал, имајќи предвид дека се фокусира на зајакнување на довербата во правосудството и спроведувањето на уставните измени. Оттаму очигледно е каде се очекува поголема политичка волја и посветеност на реформи кои ќе донесат приближување кон ЕУ и подобрување на впечатокот или поддршката/довербата во институциите.

-Се разбира, овие институции ќе треба да бидат такви што ќе испорачуваат и натаму колку кон ЕУ и потребните реформи за преземените обврски, толку и кон граѓаните за нашите надворешно-политички приоритети. Со други зборови, С. Македонија доби јасна насока за патот кон ЕУ, или за следните чекори кон ЕУ. Подобриот тон на извештајот во однос на минатогодишниот може да се смета како дополнителен мотив за побрза реализација на реформите и уставните промени, односно поголема поддршка од или за ЕУ. Ова се, сепак оценки кои само во мал дел се однесуваат на оваа влада. Оттаму, одржувањето на напредокот и вистинскиот натамошен напредок ќе зависи од јасниот ангажман и политичката волја на новата, или оваа Влада за спроведување на конкретните препораки и уставни измени. Одржувањето на реформскиот моментум и уставните промени се критични за забрзување на интеграцијата, а оттаму и за поддршката на ЕУ, истакнува Стојковски во разговор за „Локално“.

Оценува дека проценките за членство на земјава во ЕУ до 2030 година можат да бидат амбициозни, но истовремено и предизвикувачки со оглед на актуелните несогласувања околу уставните измени. Според Стојковски, ако проблемот на уставните измени не постои, датумот за пристапување во 2030 година е многу реален.

ез исполнување на ова клучно барање и недвосмислен политички консензус за реформите, забавувањето на интегративниот процес е веројатно. Сепак, ако владата покаже одлучност за спроведување на уставните промени и реформите, реализацијата на целта за членство до 2030 година би можела да биде остварлива, смета соговорникот.

Сепак, тврди дека најавите за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители можат да претставуваат дополнителна пречка во процесот на пристапување на С. Македонија. Според Стојковски, за Брисел, ова прашање е чувствително, бидејќи судската независност и стабилноста на правосудните институции се клучни за исполнување на европските критериуми за владеење на правото.

-Европската комисија и други институции постојано инсистираат на потребата од независни, стабилни и транспарентни институции кои се неопходни за борбата против корупцијата и за градење на доверба во правниот систем, наведува извршниот директор на Преспа Институтот.

Околу најавите на премиерот Христијан Мицкоски за реформите во правосудниот систем и најавите за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, соговорникот потенцира дека разговорот на Мицкоски со хрватскиот експерт Бранко Хорватин, кој ја предводеше оценската мисија на ЕУ, може да биде позитивен знак за Брисел доколку предложените идеи од тој разговор се во насока на зајакнување на независноста и интегритетот на судските институции, наместо нивно слабеење.

-Евентуалните структурни реформи ќе треба да бидат усогласени со европските стандарди и препораките од минатогодишната оценска мисија, кои вклучуваат подобрување на транспарентноста и зголемување на професионалноста и интегритетот на судските органи, заклучува Стојковски.

ЕК во Извештајот за напредокот објавен вчера оценува дека С.Македонија е посветена на членството во ЕУ, но дека се неопходни суштински реформи и напредок во уставните измени. Во Извештајот, кој шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Михалис Рокас, им го предаде на премиерот и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се нагласува дека земјата треба да спроведе суштински реформи поврзани со членството во ЕУ, да одржува добри односи со другите земји вклучени во процесот на проширување и да продолжи да се вклучува во регионалните иницијативи.

„Постоечките билатерални договори со соседните земји треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу С.Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија“, се наведува во Извештајот за напредокот.

Во текстот се посочува дека и покрај обидите, досега не е постигнат напредок во усвојувањето на уставните амандмани, кои државата се обврза да ги иницира и спроведе со цел во Уставот да ги вклучи граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи, како Бугарите, како што е наведено во заклучоците на Советот на ЕУ од 18 јули 2022 година.

„Потребни се континуирани и решителни чекори за да се забрза имплементацијата на реформите во ЕУ и да се придвижи напред во процесот на преговори за пристапување во ЕУ. Меѓупартиската соработка останува витална во овој поглед“, се нагласува во Извештајот за напредокот за 2023 година.

Извештајот, исто така, нагласува дека Македонија активно учествуваше во спроведувањето на новиот План за раст за Западен Балкан преку неговите четири столба – постепена интеграција на единствениот пазар на ЕУ, регионална економска интеграција, фундаментални реформи и зголемена финансиска поддршка.

Забележано е дека, по првата Меѓувладина конференција за пристапни преговори на 19 јули 2022 година, скрининг процесот за сите шест кластери беа завршени на 7 декември 2023 година.

Во јули 2022 година, Македонија формално ја започна „првата фаза“ од преговорите со Европската унија, но за да премине во „втора фаза“ и да почне да отвора поглавја, мора да ги воведе Бугарите во Уставот.

Премиерот Мицкоски им понуди на Брисел и Софија како решение за надминување на таа пречка- уставни измени со одложено дејство кои би стапиле на сила кога земјава ќе ги затвори преговорите со ЕУ, но таквиот предлог досега не наиде на разбирање.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на 24 октомври во Скопје потврди дека Македонија треба да ги исполни своите обврски и да направи уставни измени за да продолжи со пристапните преговори. На прашањето што мисли за предлогот на Мицкоски за одложеното дејство на уставните измени, Фон дер Лајен порача дека Европската комисија „ќе помогне да се спроведе обврската што С.Македонија ја презеде како суверена земја на секој чекор од патот“.

Н.П.

Слични содржини