Столтенберг: ЕУ без НАТО не е во состојба да ја брани Европа

од Stefanija Kuzmanovska

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека Европска унија не може сама, без НАТО да ја одбрани Европа.

Фото: washingtontimes.com

Неговата изјава уследи по понудата на францускиот претседател Емануел Макрон, Полска да учествува во францускиот антинуклеарен чадор во зајакната европска одбрана

– Напорите на ЕУ за зајакнување на одбраната секогаш се добредојдени… Но, не можат да бидат алтернатива на НАТО, да му конкурираат или да ги удвојуваат активностите на НАТО. Франција има нуклеарно оружје, но главен гарант на безбедноста на европските сојузници се средствата за заплашување што ги применува НАТО и во кои се поврзуваат можностите на САД и Европа, истакна Столтенберг во интервју за полската приватна телевизија Полсат.

Столтенберг посочи и дека 80 од вкупните воени трошоци ги плаќаат земјите-членки на Алијансата кои не се во Европа.

– Тоа значи дека ЕУ не е во состојба да ја одбрани Европа и оти НАТО е гарант на безбедноста на европските сојузници, истакна генералниот секретар на Северноатлантската алијанса.

Тој додаде дека НАТО нема да оди по патот на Русија и во Европа да распоредува нови нуклеарни ракети со среден дострел, а како одговор на руските ракети, Алијансата ќе ја интензивира противвоздушната и противракетната одбрана, конвенционалните сили, оперативната подготвеност преку бројни заеднички воени вежби, а исто така покренува различни иницијативи за разоружување.

Столтенберг потенцира дека Алијансата не сака нова Студена војна, не сакаме нова трка во вооружувањето, која е опасна и скапа.

Слични содржини