Столтенберг: Европа ќе ја плати цената за поддршката на Киев, но нема алтернатива

од Stefanija Kuzmanovska

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека е неопходно да се продолжи со пружањето помош за Украина, но дека ќе биде тешко и дека Европа ќе ја плати цената за поддршката на Киев.

„Она што го гледаме е поддршка без преседан од европските сојузници, НАТО, Канада, САД и многу други земји ширум светот. Учествував на форумот на Кримската платформа на претседателот на Украина, Владимир Зеленски, и пораката што ја испратија сите лидери е јасна: стоиме зад Украина и ќе ја поддржуваме таа земја се додека е потребно. Тоа е пораката на сојузниците во НАТО“, изјави Столтенберг за германската телевизија ЗДФ.

Тој рече дека обезбедувањето воена помош за Киев не е лесно.

„Не велам дека е лесно. Потребна е напорна работа. Посветен сум на работа со другите лидери на Алијансата во Европа и Северна Америка за да се обезбеди континуирана поддршка“, рече Столтенберг.

Тој нагласи дека поддршката на Германија е значајна и изрази надеж дека германската влада ќе направи повеќе.

Генералниот секретар на НАТО предупреди дека следната зима ќе биде тешка, пренесе ТАСС.

„Ќе ја платиме цената за нашата поддршка на Украина како последица на санкциите. Русија, се разбира, ја користи енергијата како оружје. Но, ние мора да разбереме дека нема алтернатива за нашата поддршка“, рече тој.

Тој го повика Западот „да ја максимизира веројатноста за прифатлив исход на војната од гледна точка на Украина“, истакнувајќи дека најдоброто што можат да направат западните земји е да обезбедат воена, финансиска, хуманитарна и економска поддршка на Украина.

Столтенберг истакна дека поддршката за Украина може да трае со години, но дека ќе има последици, не само во воената сфера, туку и во индустријата.

Слични содржини