Столтенберг го покани Бајден на идниот самит на НАТО

од Nikola Popovski

НАТО планира самит во Брисел на почетокот на следната година, после инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден.

Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг изјавил денес дека, сепак, точниот датум за одржување на самитот на лидерите на 30-те земји-членки сè уште не е утврден.

„Го поканив новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден да присуствува на самитот на НАТО во Брисел следната година. Се радувам на нашата идна соработка“, изјавил Столтенберг денес на прес-конференција во Брисел, каде што најави видео конференција на алијансата на министерско ниво утре и задутре, 1 и 2 декември.

Самитот на Северноатлантската алијанса на ниво на шефови на држави и влади на земјите-членки може да се одржи во мај или јуни следната година, во зависност од распоредот на посетите на Бајден во странство, дознава Блумберг од анонимен, добро информиран извор во седиштето на алијансата.

Столтенберг го пофалил Бајден како „силна поддршка за НАТО“, а Северноатлантската алијанса ќе се обиде да воспостави контакти со новоизбраниот претседател на САД и неговата администрација што е можно поскоро, затоа што обвинувањата на Трамп дека европските сојузници одвојуваат премалку пари за НАТО го разнишаа сојузот во кој САД имаат доминантна улога.

Северноатлантскиот сојуз се соочува со клучна одлука за судбината на мисијата во Авганистан.

Слични содржини