Столтенберг: НАТО е зад САД, Иран да се воздржи од провокации

од Vladimir Zorba

Сите земји на НАТО на итен состанок на Северноатлантскиот совет „се согласија дека Иран никогаш не треба да има нуклеарно оружје“ или проектили што можат да стигнат до Европа. Ова го соопшти генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на брифинг по средбата во понеделникот, пренесува ТАСС.

Столтенберг рече дека сите членови на Алијансата стојат зад Соединетите држави на Блискиот исток, откако американски воздушен напад го уби иранскиот генерал Касем Сулејмани, пренесува Ројтерс.

Столтенберг, исто така, повика на деескалација на тензиите, повторувајќи го повикот и изјавите на некои европски лидери.

„Ние сме обединети во осудата на поддршката на Иран за разни терористички групи“, објасни тој.

„На денешната средба, сојузниците повикаа на воздржаност и деескалација. Новиот конфликт нема да биде во интерес на никого. Затоа, Иран мора да се воздржи од натамошно насилство и провокација“.

Во саботата, НАТО сопре да ги обучува ирачките безбедносни и вооружени сили за да обезбеди безбедност на неколку стотици членови на мисијата како одговор на атентатот на Сулејмани.

„Безбедноста на нашиот персонал во Ирак е од огромно значење“, рече портпаролот на НАТО, Дилан Вајт во изјавата. „Ние продолжуваме да ги преземаме сите неопходни мерки на претпазливост. Мисијата на НАТО продолжува, но активностите за обука се прекинати“.

Тој рече дека Столтенберг бил на телефон со американскиот министер за одбрана, Марк Еспер по нападот врз Сулејмани на аеродромот во Багдад.

НАТО внимателно ја следи ситуацијата во регионот, додаде тој, во услови на зголемена загриженост дека „убиството на вториот најмоќен човек во Иран може да предизвика „пожар“ на Блискиот исток“.

Слични содржини