Столтенберг: НАТО ќе го зголеми бројот на војници во подготвеност на повеќе од 300.000

од Stefanija Kuzmanovska

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, најави дека на самитот во Мадрид, Алијансата ќе го зголеми бројот на војници во високо ниво на подготвеност на повеќе од 300.000, пренесува „Ројтерс“.

„Ќе ги трансформираме силите за одговор на НАТО и ќе го зголемиме бројот на војници со висока готовност на повеќе од 300.000“, рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел пред самитот на НАТО во Мадрид во вторник.

НАТО моментално има околу 40.000 постојано распоредени војници во осум борбени групи во своите источни членки, потсетува британската агенција.

На самитот во Мадрид, лидерите на Алијансата ќе донесат одлука дел од тие борбени групи да се зголемат на ниво на бригади.

Столтенберг најави дека во новиот стратешки концепт, кој сојузниците ќе го усвојат во Мадрид, Русија ќе биде дефинирана како „најголема и директна закана“ за безбедноста.

„Очекувам дека сојузниците јасно ќе кажат дека Русија претставува директна закана за нашата безбедност, нашите вредности, меѓународниот поредок заснован на правила“, рече Столтенберг.

Во последниот Стратешки концепт, усвоен во 2010 година, Русија беше дефинирана како стратешки партнер на НАТО.

Слични содржини