Столтенберг: Очекувам жолчни дебати, но и одлука за зајакнување на НАТО

од Vladimir Zorba

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска изјави дека важни теми на разговор на Самитот на Алијансата ќе бидат трошоците за одбраната и поделба на товарот, но и улогата на НАТО во борба против тероризмот, како и одговор на кибер заканите и другите предизвици.

Тој наведе дека проценките за трошоците во 2018 година се охрабрувачки и оти секоја земја членка, во споредба со 2014 година, ги зголемила расходите за одбраната.

– Минатата година е забележан најголем пораст на тие трошоци во генерацијата, а годинава ќе биде четврта по ред во која е забележан пораст на расходите за одбраната. Проценките покажуваат дека треба да очекуваме оти осум сојузнички ќе ги зголемат трошоците за два отсто од бруто домашниот производ оваа година, истакна Столтенберг на прес конференција пред Самитот на НАТО, што утре и задутре се одржува во Брисел.

Тој додаде дека сојузниците веќе инвестирале милијарди во важна опрема и ги интензивираат своите придонеси во мисиите и операциите, така што „трендовите се променети и сега се во пораст“.

Генералниот секретар на Алијансата ми се заблагодари на сите земји членки за напорите за одржување на силна НАТО одбрана, додека на претседателот на САД, Доналд Трамп на лидерството во трошоците за одбрана.

– Тоа очигледно има влијание. Минатата година, на иницијатива на претседателот, покренавме план за зголемување на трошоците за одбрана и врз основа на тој план проценуваме дека европските сојузници и Канада ќе издвојат дополнителни 266 милијарди долари за одбраната од сега до 2024 година. Тоа е значително, посочи Столтенберг.

Тој посочи и дека лидерите утре ќе донесат и одлука за интензивирање на својата улога во борба против тероризмот.

– Започнуваме нова мисија за обука во Ирак со стотина инструктори на НАТО. Треба да отвориме воени школи за да го унапредиме професионализмот на ирачките сили. Тоа ќе биде неборбена мисија, но се надеваме дека ќе спречи повторен налет на Исламска држава и други терористички групи, наведе Столтенберг.

Тој потенцира и дека НАТО ќе вложи дополнителни напори за поддршка на клучните партнери на Блиски Исток и во Северна Африка, а ќе ја зајакне и поддршката за Тунис и Јордан, вклучитечно и кибер одбраната и управувањето со кризи.

– Превенцијата е подобра од интервенцијата. Помагајќи им на нашите партнери да спречат криза, тоа сите не прави побезбедни. За да ја зајакнеме нашата превенција и одбрана ќе се обврземе дека до 2020 година ќе имаме 30 механизирани баталјони, 30 воздухопловни ескадрили и 30 борбени бродови подготвени за употреба во рок од 30 денови или помалку, истакна Столтенберг.

Тој додаде дека НАТО ќе ја усогласи и новата командна структура, меѓу кои и една за Атлантикот во Норфолк, во Вирџинија и другата за воена мобилност во Европа, во Германија, а ќе се воспостави и блиска соработка со европската контрола, што ќе ја зголеми воздушната мобилност.

– Авионите кои ја поддржуваат НАТО мисијата ќе добијата НАТО позитивен знак и приоритет кога станува звор за контрола на воздушниот сообраќај, како во мирно време, така и во криза, посочи Генералниот секретар на Алијансата.

Столтенберг меѓу темите на Самитот ги издвои и одговорот на НАТО на хибридните закани и кибер заканите, преку новиот центар за кибер операции како дел од новата командна структура на Алијансата.

Тој најави и работна вечера со колегите од Финска и од Шведска, како и од Европска унија и од Европска комисија, со кој ќе разговара за главните безбедносни предизвици, меѓу кои и тие од Блискиот Исток и од Северна Африка, Русија и Корејскиот Полуостров, а Самитот ќе заврши со состанок за Авганистан.

Столтенберг изјави дека очекува сите да се согласат за зголемување на фондовите за африканските сили по 2020 година.

– Нема да бидам изненаден ако на Самитот има жолчни дебати, вклучително на темата за трошоците за одбрана, но сигурен сум дека ќе се согласиме за основното: Северна Америка и Европа се заедно. Ќе донесеме одлука која ќе ја зајакне нашата Алијанса и ќе ги заштити нашите граѓани во следните години, наведе Столтенберг./МИА

Слични содржини