Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска во Мадрид изјави дека очекува наскоро ратификување на Шведска и Финска за членство во Северноатлантската воена алијанса.

– Веќе на самитот ќе донесеме одлука да ги поканиме Шведска и Финска да станат членки, тоа е досега незабележана брзина – изјави Столтенберг пред новинарите по пристигнувањето на самитот.

Двете земји аплицираа за членство во Алијансата во средината на мај.

– По поканата, потребно е процесот на ратификација да се спроведе во 30 парламенти. Секогаш е потребно одредено време, но очекувам и тоа да помине доста брзо, бидејќи сојузниците се подготвени да се обидат да го направат процесот на ратификација што е можно побрз – објасни генералниот секретар на НАТО.

По пристигнувањето на самитот на алијансата во Мадрид, Столтенберг исто така рече дека сојузниците на НАТО се состануваат во моментот на „најсериозната безбедносна криза со која се соочивме“ и дека „ова ќе биде историски самит на значајни промени“.

Столтенберг изјави дека сојузниците ќе се договорат за одвраќање за да можат до следната година да распоредат повеќе борбени формации и да добијат повеќе однапред поставена опрема во Источна Европа.

Генералниот секретар на НАТО зборуваше и за Кина и рече дека таа претставува предизвик за вредностите и интересите на Алијансата и дека мора да ги земе предвид последиците од инвестирањето на Кина во модерно оружје со долг дострел за нејзината безбедност.

Столтенберг очекува и „многу важна одлука“ во врска со предизвиците со кои се соочува Северноатлантската алијанса на нејзиното јужно крило и за тероризмот.

Украинскиот претседател Владимир Зеленски се очекува да одржи говор преку видео-конференција на самитот на НАТО подоцна во текот на денот.

Слични содржини