Столтенберг: Украина постигна значаен напредок, но не треба да ја потценуваме Русија

од Stefanija Kuzmanovska

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг денеска изјави дека Украина постигнува голем напредок во својата контраофанзива, но дека западните сојузници не треба да ја потценуваат Русија.

„Благодарение на херојскиот отпор на украинскиот народ и невидената поддршка на сојузниците во НАТО, Украина постигна значителни успеси“, рече Столтенберг во обраќањето на Берлинската безбедносна конференција.

Да се одржи поддршката

Меѓутоа, додаде тој, сојузниците во НАТО не треба да ја потценуваат Русија.

„Руските ракети и беспилотни летала продолжуваат да паѓаат врз украинските градови, цивили и критична инфраструктура, предизвикувајќи огромно човечко страдање со почетокот на зимата“, додаде Столтенберг.

Подвлече дека сојузниците на НАТО ќе продолжат да обезбедуваат воена поддршка за Украина, снабдувајќи со напредно оружје и системи за противвоздушна одбрана.

„Ја поздравувам силната поддршка на Германија за Украина, со значителна финансиска, хуманитарна и воена помош. Ја гледаме разликата што ја прави ова секој ден на бојното поле. И важно е дополнително да ја зајакнеме и одржиме нашата поддршка“, нагласи тој.

Ја поздрави одлуката на Германија

Столтенберг ја поздрави и одлуката на Германија значително да ги зголеми трошоците за одбраната со инвестирање во нови борбени авиони, хеликоптери, бродови и подморници.

Тој рече дека вооружените сили на Германија, Бундесверот, играат клучна улога во плановите на НАТО за одвраќање и одбрана.

„Потребен ни е силен и подготвен Бундесвер со одлични можности во сите домени. Потребна ни е силна и робусна одбранбена индустрија која може да ги исполни барањата, врз основа на јасни и одржливи сигнали за побарувачката. Ова е важно за безбедноста на Германија, како и за европската и светската безбедност“, рече Столтенберг.

Слични содржини