Стопанска банка А.Д. Скопје ја сели дирекцијата во новиот луксузен објект на Азманов?

од Vladimir Zorba

Впечатливите реклами на Стопанска банка со препознатливото розево лого во следниот период ќе бидат истакнати на новиот Бизнис центар –Настел. По период од околу 5 децении во ГТЦ, Стопанска банка АД Скопје ја сели дирекцијата во новиот луксузен објект на бизнисменот Зоран Азманов, дознава Локално.

Од Банката во текот на вчерашниот ден и утрово не одговорија на нашите прашања за преместувањето на дирекцијата.

Според нашите информации, во ГТЦ ќе остане само трезорот, а засега нема информации кога ќе почне селидбата. Допрва ќе се знае дали Банката ги купила сите 8.650 квадратни метри или само дел од нив, како и деталите околу тоа кога е склучен договорот со Азманов и по која цена е купен просторот.

Не се исклучува можноста објектот на Стопанска банка во ГТЦ наскоро да биде даден на продажба бидејќи станува збор за простории кои се во нејзина сопственост.

Според информации на Локално, раководството на Градски Трговски Центар АД- Скопје, уште пред неколку месеци на вработените им ја соопштиле веста за претстојната преселба на Стопанска банка, а нивна претпоставка е дека целиот процес бил пролонгоран поради корона кризата.

Бизнис центарот Настел е лоциран во строгиот центар на Скопје, на место на старата печатница „Гоце Делчев”, во близина на италијанската амбасада. Печатницата беше урната во 2010 год., а изградбата почна дури 7 години потоа, односно во 2017 год.

Одобрението за градба на сегашниот Бизнис центар беше добиено во август 2016, од страна на тогашниот градоначалник на општина Центар Андреј Жерновски.

Слични содржини