Стратегија 2023-2027: Намалување на сивата економија за 4 п.п.

од Vladimir Zorba
849 прегледи

Процесот на подготовка на новата Стратегија за формализирање на неформалната економија 2023-2027 година, како и Акцискиот план, беше инклузивен, со голем број на дискусии со клучните засегнати страни, како претставници од бизнис секторот, сметководствени асоцијации и бироа, ревизорски куќи, невладин сектор и други релевантни чинители,  вели Фатми Бесими во својата редовна викенд колумна.

„Како што и погоре посочив, процентот на неформалната економија, согласно последните пресметки кои произлегуваат од софистицираните модели на Светската банка упатуваат на 33,4% од БДП во 2018 година (според MIMIC методот, односно методот на повеќе индикатори и повеќе причини). Преку ефективна имплементација на мерките и активностите со Стратегијата за формализирање на неформалната економија 2023-2027 година и акцискиот план, се очекува намалување на неформалната економија на 26% од БДП до крајот на 2027 година.

Стратегијата се темели на две главни области – првата е системот, а втората се граѓаните. Целта е да се изгради силен систем кој ќе се бори против сивата економија, а едновремено да се зајакне даночниот морал кај граѓаните и свеста дека со сузбивањето на сивата економија вложуваат во својата и подобрата иднина за своите деца.

Во рамки на првата област, првата цел е зголемување на ефикасноста на јавните институции и унапредување на деловното окружување за намалување на неформалната економија и забрзување на процесот на формализација. Во рамки на оваа цел предвидени се мерки за изградба на институционална инфраструктура за детектирање, следење и давање насоки за адресирање на неформалните активности, меѓуинституционална соработка, обезбедување на статистички податоци и показатели за неформалната економија кои ќе се користат за редовно следење на сивата економија, како и дигитализација на процесите. Исто така, засилено се работи на унaпредување на регулаторната рамка особено во делот на работните односи (донесен е Законот за работни односи како и подзаконски акти, донесени се измени и дополнувања на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност, Законот за поштенски услуги, Законот за електронска трговија, направена е анализа за лиценцирање на одредени дејности, подзаконски акти за поедноставено работно ангажирање на сезонски, повремени и привремени работници во земјоделието, туризмот, угостителството и услужните дејности, воведување на ИД картички во градежништвото, имплементација на проектот „е-фактура“). Една од предвидените мерки за јакнењето на капацитетите на институциите е и вклучување на локалната самоупрaва во формализација на неформалната економија.

Воспоставен е и Национален совет за координација на активностите и следење на имплементацијата на Акцискиот план кон Стратегијата за формализација на неформалната економија. Ова меѓуресорско, меѓуинституционално тело се состои од 20 членови, претставници на највисоко ниво од институциите во чија надлежност се активностите за намалување на неформалната економија, односно вицепремиер задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, вицепремиер задолжен за политики за добро владеење, министри за економија, информатичко општество и администрација, труд и социјална политика, земјоделство, шумарство и водостопанство, животна средина и просторно планирање, транспорт и врски, првите луѓе на Управата за јавни приходи, Царинската управа, Бирото за јавни набавки, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Централен регистар на РСМ, Инспекциски совет и Државниот завод за статистика и гувернерот на Народната банка, додека со телото претседава и го координира министерот за финансии.

Со цел олеснување на административните процедури за функционирање во формалниот сектор, како и намалување на трошоците за основање на микро и малите компании една од мерките е воспоставување на канцеларии/центри за правно и економско советување за регистрирање на микро и мали компании и отпочнување со бизнис активности во формалниот сектор. Подготвен е и предлог за стимулативна мерка за користењето на регистрирани економски субјекти и работници кои даваат услуги за домаќинствата (лични услуги и услуги во домаќинството) и за другите економски субјекти.

И понатаму ќе се работи на унапредување на ефективноста и ефикасноста на инспекциските служби во детектирање и спречување на деловни активности во неформалниот сектор, преку функционална платформа за евидентирање на инспекциски надзори е-инспектор, со вклучување на сите инспекциски служби, како и продолжување на јакнење на капацитетите преку обуки и редовните контроли.

Втората област на која интензивно ќе се работи е „Јакнењето на свеста за сивата економија, даночниот морал и довербата во институциите“. Дел од овие активности ќе се одвиваат преку веќе постоечката платформа vnesiboja.mk . Се работи и на едукација на општата јавност преку различни алатки за разорното дејство на сивата економија. Во насока на јакнење на довербата на граѓаните и фирмите во институциите и понатаму ќе се јакне транспарентноста и отчетноста на институциите, но и предвидливоста во подготовката на законските решенија што е од особено значење за бизнис заедницата“, се додава во колумната.

Слични содржини