Стрезоска: Извештајот на ЕК очекувам да биде позитивен, подобар од секогаш досега

од Destan Jonuzi

Во изминатиот период, Северна Македонија ги превзеде сите неопходни чекори и направи големи напори да одговори на сите барања на ЕУ за почетокот на преговорите, вели во изјава за „Локално“, Зорица Стрезоска од „EU Support for Rule of Law“ (Поддршка на ЕУ за владеење на правото), зборувајќи за извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија што се очекува да се објави следната недела.

– Следната недела се очекува извештајот на Европската Комисија за напредокот на Република Северна Македонија. Во изминатиот период, Северна Македонија ги превзеде сите неопходни чекори и направи големи напори да одговори на сите барања на ЕУ за почетокот на преговорите, по што следи објаснувачкиот скрининг по кластери, а се очекува и стартот на билатералниот скрининг со ЕУ, на 7 ноември 2022. Очекувам извештајот да биде позитивен, подобар од секогаш досега. Пофалбите би се однесувале, секако, на прифаќањето на Францускиот предлог и наоѓањето на компромис за спорот со Бугарија, како и пофалби кои се однесуваат на одржувањето на добри меѓусоседни односи, како и внатрешни стабилни меѓуетнички односи во подолг период, изјави Стрезоска.

Таа додава дека преку разни иницијативи, Северна Македонија аспирира да ја одржи стабилноста во поглед на регионалната соработка, па се очекуваат позитивни коментари од страна на Европската Комисија.

– Република Северна Македонија уште од самиот старт се приклучи на ЕУ во врска со санкциите спрема Русија, ја осуди агресијата на Русија, и искажа солидарност со Украина и Украинскиот народ, па се очекува пофалба и во овој дел. Не очекувам поголеми критики во делот на владеење на правото. Сeкако, ќе бидат истакнати одредени слабости кои се однесуваат на судството, борбата против корупцијата и организараниот криминал. Во поглед на темелните права – човековите права – родовата еднаквост, има тренд на подобрување и подигнување на свеста за истите, што би било истакнато како позитивен аспект во Извештајот, нагласи таа.

Д.Ј.

Слични содржини