Струјата во Германија следната година може да поскапи и до 60 отсто

од Nikola Popovski

Германските комунални претпријатија за снабдување со електрична енергија денеска најавија дека очекуваат големо поскапување на струјата во следната година.

Проценките се дека цената би можела да се зголеми за околу 60 отсто, пренесува ХИНА.

Како што е наведено, цените на струјата во моментов растат побавно од цените на бензинот, кои во меѓувреме веќе пораснаа меѓу 30 и 60 проценти (во зависност од давателот).

Според мислењето на министерот за економија и снабдување со енергија, Роберт Хабек (од Партијата на зелените), цената на струјата би можела дури и да се удвои доколку владата не интервенира на пазарот и не ги ограничи маржите на енергетските компании.

– Доколку не преземеме решителни чекори и веднаш го реформираме пазарот на електрична енергија, цените би можеле да се удвојат, рече Хабек.

Сепак, тој смета дека ситуацијата може да се нормализира од средината на следната година.

Во моментов во федералната влада се води дискусија за можно замрзнување на цените на струјата.

Се наведува дека воведувањето на горната граница на цената на струјата за домаќинствата и малите претприемачи го поддржува и канцеларот Олаф Шолц (СПД).

Тој најави договор за ова прашање на крајот на октомври.

Агенциите јавуваат дека, според последното истражување на јавното мислење, 40 отсто од испитаниците стравуваат дека во иднина нема да можат да ги подмират цените на струјата и бензинот или дека тоа ќе можат да го сторат со голема тешкотија.

Слични содржини