Студентите ќе маршираат од Влада до МОН

од Nikola Popovski

Универзитетските студентски собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“ попладне од 17.30 часот, од Влада до Министерството за образование и наука, на марш обединето ќе ги бараат своите права.

– Ве очекуваме во четврток, по повод Меѓународниот ден на студентите, со почеток во 17:30 часот, да излеземе сите заедно, сплотени на голем студентски марш, каде тргнувајќи од Влада па до МОН ќе го завршиме нашиот марш и јасно и гласно ќе ги искажеме нашите барања. Ги повикуваме сите кои се вклучени активно во образованието, меѓу кои средношколци, професори, декани и ректори да ни дадат поддршка и да се приклучат на маршот. Ајде сите заедно да се избориме за нашите студентски права и подобар студентски стандард, се наведува во објавата на УСС на УКИМ.

Драго ми е што денешниот конструктивен состанок со студентите го завршивме со позитивно решение. Се договоривме и понатаму да се користи студентскиот оброк по старите критериуми, а преку отворен дијалог ќе најдеме и системско решение, објави премиерот Димитар Ковачевски пред два дена по средбата со студентските здруженија на која што присуствуваа и министерот за образование Јетон Шаќири и пратеници од Собранието.

Премиерот истакнал дека студентите секогаш имаат право да ги кажат своите ставови.

-Ние како Влада ќе бидеме секогаш тука да ги слушнеме, да разговараме и да преземаме мерки за подобрување на студентскиот стандард, бидејќи тие се иднината на државата, посочи Ковачевски.

-Студентите се иднината на С. Македонија и тие мора да се вклучени во процесите кои што директно или индиректно ги засегаат. Затоа оваа влада им е сојузник и тоа досега во многу наврати се потврди. За студентскиот оброк, завчера се дојде до решение да продолжи да се користи по старите критериуми, се додека не се изнајде системство решение. Оваа Влада не е позната на укинување на студентските права и можности, туку контиунирано го унапредува студентскиот стандард преку интервентни мерки со кои се олеснува студентскиот живот и студирањето, изјави вчера владиниот портпарол Душко Арсовски како одговор на новинарско прашање за ставот на владата за студентските протести и кој е одговорот на барањето на студентите за подобри услови во домовите и подигнување на квалитетот на образованието.

Слични содржини