Студија: Некои онколошки пациенти со Ковид-19 може да бидат заразни со месеци

од Stefanija Kuzmanovska

Пациенти со Ковид-19, кои истовремено се подложени на хемотерапија или зрачење како резултат на рак, форми на третман на рак што го ослабуваат нивниот имунолошки систем, можат да останат заразни и да го шират коронавирусот повеќе од два месеци од почетокот на инфекцијата, според студијата објавена оваа недела.

Центарот за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) во моментов препорачува здравствените работници да користат дополнителни мерки на претпазливост, како што се носење респираторни наместо хируршки маски за лице, за време на третманот на такви пациенти со нарушен имунолошки систем и да ги изолираат пациентите до 20 дена по појавувањето на симптомите.

Во новата студија, експертите ги анализирале примероците на плунка и брисевите на 20 пациенти кои страдале од рак, а во исто време биле заразени со коронавирус. Откриле дека тројцата пациенти вклучени во студијата биле заразни повеќе од три недели по појавата на симптомите, а еден од нив бил заразен дури 61 ден.

Тројца пациенти биле подложени на трансплантација на матични клетки или терапија со генетски модифицирани имунолошки клетки наречени CAR Т-клетки во последните шест месеци.

Двајцата развиле тешка форма на Ковид-19 и се покажало дека никој од споменатите пациенти немал антитела за вирусот.

Тековните препораки за јавно здравје за пациенти со корона и слаб имунолошки систем се засноваат на ограничени податоци и веројатно ќе треба да се ревидираат, истакнуваат научниците во писмото објавено во „New England Journal of Medicine“.

„Знаеме од неколку претходни студии дека ако сте здрава личност, веќе не сте заразни по првата недела од болеста, но многу малку знаеме за имунокомпромитирани пациенти“, напиша д-р Мини Камбој, еден од авторите на студијата во Центарот за карцином „Memorial Sloan Kettering“.

Таа додаде дека сè уште не е можно со сигурност да се каже дали онколошкиот пациент кој страда од Ковид-19 е заразен и има три недели од почетокот на инфекцијата и дали е потребно медицинскиот персонал и членовите на нивните семејства да преземат мерки на претпазливост дури и подолго од тоа.

Иако само мал број на пациенти кои страдаат од некаква форма на карцином и Ковид-19 во исто време, веројатно ќе останат заразни долго време, „во секој случај постои ризик кој мора сериозно да го разгледаме. Треба секогаш да имаме предвид дека имунокомпромитираните пациенти може да бидат заразни за луѓето околу него и подолго отколку што се очекуваше“.

Слични содржини