Суд на ЕУ: Бугарија со законот за прислушување ги крши европските норми

од Vladimir Zorba

Европскиот суд за човекови права во Стразбур пресуди дека бугарскиот закон за тајно следење ја прекршува Европската конвенција за човекови права, соопшти европската институција, пренесе Танјуг.

Од судот во Стразбур беше побарано да го оцени бугарскиот закон за надзор од 1997 година, како и неколку членови од кривичното право на земјата, објави АП.

Во денешното соопштение судот наведува дека „правните норми кои ја регулираат сферата на тајното следење не ги исполнуваат критериумите за квалитет на правото“ дефинирани во Европската конвенција за човекови права, а бугарската влада „не останала само на потребниот надзор“.

Во пресудата на Европскиот суд за човекови права се вели дека бугарското законодавство за тајно следење кое го регулира прислушувањето и следењето е неквалитетно и не може да ги гарантира критериумите на демократските општества за почитување на приватноста на граѓаните.

Случајот беше инициран во 2012 година од двајца бугарски адвокати, Михаил Екемџиев и Александар Кашамов, заедно со две групи за човекови права, но случајот е ажуриран со нови докази за тајно следење во изминатата деценија.

Минатата година специјалната парламентарна комисија ја откри една од најголемите шеми за прислушување во историјата на Бугарија.

Извештајот на АП потсетува дека тогаш беше утврдено дека биле прислушувани телефонски разговори на повеќе од 900 граѓани, вклучително и новинари, политичари и активисти на организации за човекови права за време на неколкумесечните антикорупциски протести кои на крајот доведоа до пад на бугарската влада.

Слични содржини