Суд, заробеништво или Киев: Каде ќе завршат војниците од Азовстал?

од Nikola Popovski

Речиси сите украински војници кои ја бранеа челичарницата „Азовстал“ во Мариупол им се предадоа на руските сили. Повеќето од нив се во регионот на Доњецк кој е под контрола на сепаратистите, а Украина се надева дека успешно ќе ги разменат затворениците.

Податоците објавени од Кремљ покажуваат дека околу 1.000 војници од опколениот Мариупол биле префрлени во областите контролирани од сепаратистите поддржани од Русија, главно во Доњецк.

Денис Пушилин, лидерот на самопрогласената Доњецка Народна Република (ДНР), изјави дека суд ќе одлучува за судбината на украинските борци од Азовстал.

Нивниот статус останува нејасен, бидејќи во руската Државна дума има барања баталјонот Азов да се третира како терористичка организација, што потоа ќе доведе во прашање дали Русија треба да ги третира како воени заробеници оние кои се предале. Во тој случај не би била можна размена на затвореници.

Според податоците на Русија, од понеделникот околу 1.000 војници од Азовстал се предале, а околу 90 од нив се ранети и се во болница.

Дополнително, Русите тврдат дека во текот на ноќта убиле 270 украински борци и дека 54 единици воена техника биле онеспособени.

Украинската заменик-министерка за одбрана Хана Малијар изјави дека „преговорите за ослободување на борците се во тек“, како и плановите за спасување на оние кои се уште се во фабриката за челик.

„Постапката за размена ќе биде направена. Дај Боже, сè ќе биде добро“, рече таа. Сепак, украинскиот претседател Владимир Зеленски беше повнимателен кога стануваше збор за оваа тема.

„Мисијата да се вратат војниците дома продолжува, а за оваа работа е потребна деликтност и време“, рече тој.

Деталите од договорот што доведоа до евакуација остануваат нејасни, а преку острите изјави на руските претставници тој сугерира дека размената на затвореници може да биде камен на сопнување.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков вети дека борците кои се предале ќе бидат третирани „во согласност со меѓународните стандарди“, што не важи за оние што Русија ги смета за нацисти.

Руските истражители рекоа дека планираат да ги сослушаат војниците и би можеле да ги обвинат за „злосторства извршени од украинскиот режим врз цивилното население во југоисточна Украина“.

Во вторникот вечерта седум автобуси со украински војници ја напуштија фабриката Азовстал во пристанишниот град и пристигнаа во поранешната затворска колонија во градот Оленивка во Доњецк кој е под руска контрола.

Русија операцијата „Азовстал“ ја нарече масовно предавање, додека украинската армија соопшти дека војниците кои ја бранеле фабриката за челик „ја извршиле својата борбена задача“ и дека сега главната цел е да ги спасат нивните животи.

Украина инсистираше на договор кој исто така ќе им овозможи на борците да се повлечат во областите под контрола на Украина или да ги евакуираат во неутрална земја. Меѓутоа, бидејќи тоа не се случи, украинските власти во вторникот во раните утрински часови објавија дека одбраната на челичарницата е завршена.

„Ова беше единствената опција“, рече заменик-министерката за одбрана Хана Малијар.

Слични содржини