Судењето за „шамарите во Центар“ почна од почеток

од Vladimir Zorba

Три години откако Специјалното јавно обвинителство го поднесе обвинението познато како „Насилство пред Општина Центар“, денеска судењето почна од почеток, бидејќи помеѓу последното и денешното рочиште има поминато повеќе од 90 дена.

Иако во постапката пред судот зборуваа и сведоците, денеска обвинителката Фатиме Фетаи дава воведни зборови, по што обвинетите повторно ќе се изјаснуваат дали се чувствуваат виновни.

Фетаи побара на поранешниот премиер Никола Груевски да му се суди во отсуство, бидејќи тој безмалку една година е во бегство во Унгарија, каде веќе доби азил и неизвесно е кога и дали воопшто ќе биде достапен за органите на прогон.

Адвокатот Димитар Дангов, кој го застапува Груевски пред судијата побара судењето да почне целосно од почеток, затоа што случајот ќе можел да заврши порано, а не да се одолговлекува и побара и да се видат доказите кои обвинителството ги предложило на судот.

Случајот е отворен поради протестите пред општина Центар во јуни 2013 година, кога се кршеа прозорците на општината, а според незаконски прислушуваните разговори, кои премиерот Зоран Заев како опозиционер ги објавуваше, се слушна дека експремиерот Никола Груевски побарал тогашниот градоначалник на општината, Андреј Жерновски да добие „два-три шамари“.

Обвинети во случајот освен Груевски се ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и осуммина други лица.
Вина на почетокот на случајот признаа четврто и петтообвинетиот Томислав Лазаров и Јордан Ристевски, кои добија условни казни.

Слични содржини