Судењето за „ТНТ“ продолжува утре, судијата нареди Трајковски присилно да биде донесен во Судот

од Nikola Popovski

Судењето за уривањето на комплексот Космос на инвеститорот Фијат Цановски „ТНТ” продолжува утре, откако на денешното рочиште повторно не се појави обвинетиот Тони Трајковски.

Ова е второ непојавување на обвинетиот Тони Трајковски, откако поради немање уредна покана, тој не се појави и на вчерашното рочиште.

Судијата Огнен Ставрев, рече дека Судот го смета за уредно поканет, иако неговиот адвокат Јовица Страшевски, рече дека немал добиено покана за денешното рочиште.

– За Тони Трајковски за следното рочиште има наредба до МВР за присилно спроведување на Суд, а доколку вака продолжи ќе има уште построги мерки, рече Ставрев.

Адвокатот Страшевски, по завршување на рочиштето, изјави дека имаат доставено две адреси, една по лична карта и една по место на престој и дека навистина не знае како Судот издава наредба за полициско спроведување.

– Има законски основ како се доставува покана, изјави Страшеваки.

Судијата Огнен Ставрев на почетокот на денешното рочиште го претстави новиот состав, во кој сега има тројца нови судии поротници, меѓу кои еден е резервен.

Случајот почнува од почетокот со нов состав на судечкиот совет. Предметот го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.

За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на Општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.

Слични содржини