Судот на ЕУ: Унгарија го прекрши законот со забраната за помош на мигрантите и бегалците

од Nikola Popovski

Врховниот суд на Европската унија пресуди дека Унгарија го прекршила правото на ЕУ со криминализирање на помагањето на мигрантите и бегалците да аплицираат за азил.

Одлуката на Европскиот суд на правдата претставува нов правен удар за унгарската десничарска влада на премиерот Виктор Орбан.

Унгарија ја крена оградата на границата со Србија и Хрватска во 2015 година, кога повеќе од еден милион луѓе влегоа во ЕУ, главно бегајќи од конфликтот во Сирија.

Како што доаѓаа се повеќе луѓе, Орбан почна да го обвинува американскиот милијардер Џорџ Сорос, роден во Унгарија, и групите поврзани со него, дека ги охрабруваат мигрантите да влезат во ЕУ.

Во 2018 година Унгарија ги усвои таканаречените закони „стоп за Сорос“, според кои помагањето на мигрантите и бегалците при поднесување барања за азил е кривично дело.

Европскиот суд на правдата денеска изјави дека Унгарија не ги исполнила своите обврски како членка на ЕУ, со „криминализирање на потезите на секое лице кое дава помош во врска со барањето азил на нејзина територија“.

Судот со седиште во Луксембург изјави дека законот го ограничува „правото на пристап на барателите за меѓународна заштита и правото на комуникација со тие лица“, како и правото на самите мигранти да се консултираат со правни советници.

Меѓународната организација за заштита на човековите права, Амнести интернешенел, ја поздрави пресудата на Европскиот суд на правдата, наведувајќи дека таа „испраќа недвосмислена порака дека нема да се толерира кампањата на заплашување што ја води унгарската влада“.

„Сега е време унгарската влада да ја спроведе одлуката на Судот и веднаш да го повлече овој срамен закон“, рече Давид Виг, директор на унгарскиот огранок на Амнести интернешенел.

Орбан е жесток противник на имиграцијата и често ја прикажуваше својата земја како бедем на мигранти од Блискиот Исток и Африка и како чувар на христијанството во Европа.

Поради суровиот третман на Унгарија кон мигрантите и бегалците, владата во Будимпешта често се судри со многу партнери во ЕУ и Европската комисија, која го надгледува спроведувањето на европските правила и прописи.

Слични содржини