Судскиот совет го разреши врховниот судија Рибарев

од Nikola Popovski

Судскиот совет на Република Северна Македонија на денешната 378 седница разреши тројца судии поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и донесе одлука за престанок на мандат на двајца судии поротници од Основниот кривичен суд Скопје поради навршени 60 години возраст. Meѓу нив е и врховниот судија Стојанче Рибарев.

Неговото име беше експонирано во јавноста во 2017 година. Тогаш, судскиот совет го назначи за в. д. претседател на Основниот суд Скопје 1, само три месеци пред СЈО да ги поднесе своите обвиненија. Рибарев издржа само шест месеци на позицијата од која самиот даде оставка. Непосредно пред таквиот чекор СЈО направи претрес во судот за (зло)употребата на АКМИС-системот и за делењето предмети на рака во времето на поранешниот претседател на судот Владимир Панчевски.

Рибарев на чело на Кривичниот суд дојде после Татјана Михајлова, токму кога дојдоа обвиненијата (на 30 јуни 2017 година)од тогашното Специјално јавно обвинителство, каде што беа обвинети Никола Груевски и највисокото раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Во тој период, во претходна постапка, или во фаза на поднесено обвинение, секогаш кога се бараше притвор за осомничените/обвинетите, барањата на обвинителството се одбиваа и никој не отиде во притвор.

„Судскиот совет донесе одлуки за престанoк на судии поротници: во Основниот суд Свети Николе: Стојка Пешевска, Момчило Нацевски, Сузана Дерменџиева и Владимир Тосев, поради истек на мандатот; Основен суд Радовиш: Убавка Петкова, по сопствено барање и Александра Тодорова, поради истек на мандатот и во Основен кривичен суд Скопје: Митко Сандев и Зенел Елези, поради навршени 60 години возраст“, се вели во соопштението по одржаната 378 седница.

Сите разрешени судии имаат право на жалба. По жалбата решава Врховниот суд, поточно совет од судии.

Според соопштението од Судскиот совет, на седницата била донесена одлука и да се прекина постапка за утврдање на одговорност против еден судија. Во превод, тоа значи дека Судскиот совет не нашол доволно аргументи за негово казнување.

Разрешувањето на судијата-поротник Митко Сандев поради навршените 60 години уште еднаш го отвори прашање за ефикасноста на судските постапки и нивното одолговлекување најмногу поради интересите на некои од обвинетите. Поради пензионирањето на поротникот на почеток се враќа најголемиот предмет на поранешното СЈО „Титаник“, потоа „Талир 2“, „Топлик“ и „Тендери“. Претходно беше разрешен судијата Горан Бошевски заради застарување предмети, кој ги водеше случаите „Траекторија“ и „Талир 1“. И тие два случаи се враќаат на почеток.

Слични содржини