Сугарески: Проневерени 4,7 милиони евра при нелегална продажба на тутун

од Nikola Popovski

„Производството и продажбата на нелегален режан тутун е се позачестена појава и има штетни последици по здравјето на граѓаните. Овој вид тутун, кој нелегално се произведува и продава во државата, нема никакви документи кои го докажуваат неговото потекло, видот, квалитетот, начинот, како и местото на одгледување и чување и не подлежи на процес на контрола на квалитетот од овластените институции во земјата“, порача денес директорот на Управата, Горан Сугарески откако беше објавено дека Царинската управа поднела кривична пријава против две правни лица со седишта во Тетово и Гевгелија и против 3 одговорни лица како правни субјекти, за недозволено тргување со меѓупроизводи, етил алкохол и тутунски добра.

„Станува збор за увезен необработен тутун, со вкупна количина од 146.278 кг нето, пуштен во промет на незаконит начин, без притоа да се плати акциза во вкупен износ од 281.585.150,00 денари и камати за ненавремено плаќање од 12.505.380,66 денари или вкупно 294.090.531 денар, односно повеќе од 4,7 милиони евра“, објаснуваат од Царина.

Како што соопшти денеска Сугарески, се работи за десет увози на тутун „вирџинија“, реализирани од страна на правно лице од Гевгелија во декември 2017 и цела 2018 година. Увезениот тутун, наместо да се доработи е пуштен во промет.

„Царинската управа како една од важните институции за превенција и спречување на оваа појава, во координација со други државни институции превзема конкретни активности фокусирани на борба против нелегалната продажба на режан тутун во земјава и елиминирање на сивата економија и одржување на планираните буџетски приходи на државата. Ги повикувам медиумите заедно со нас да работат на подигнување на свеста на јавноста за оваа тема и заедно да ги укажеме сите штетни последици од оваа загрижувачка незаконска појава“, истакна Сугарески.

Според него, се почести се производството и продажбата на нелагален режан тутун кој нема никави документи со кои би се докажале неговото потекло, вид, квалитет, местото и начинот на одгледување и чување, што воедно е штетно и за здравјето на луѓето.

Акцизните производи, потсети Сугарески, учествуваат со околу 22 отсто од вкупните даноци што ги прибира државата. Над 40 проценти од приходите од акцизи се од цигарите и тутунските производи.

„Ако се знае висината на Буџетот, 3,4 милијарди евра, станува збор за значаен извор на приходи“, нагласи директорот.

Слични содржини