Сурова тактика на Кремљ: Температури под нулата, нема греење – Киев во големи проблеми

од Nikola Popovski

Во Киев падна снег, температурата денеска е околу нула Целзиусови степени, а милиони луѓе во главниот град на Украина и неговата околина се соочуваат со ограничувања во снабдувањето со електрична енергија и централно греење предизвикани од руските воздушни напади.

Студеното време постепено ги зголемува енергетските потреби на потрошувачите, а се работи на поправка на погодените електроенергетски постројки, објави операторот Укренерго, пренесе Ројтерс.

Производителите на електрична енергија сè уште не можат да обезбедат целосно снабдување со електрична енергија по руските ракетни напади во средата и немаат друг избор освен да ја зачуваат енергијата со воведување ограничувања, се вели во соопштението.

„Сè уште е на сила режимот на ограничувања на потрошувачката поради дефицитот на капацитетот, кој во моментов изнесува околу 20 отсто“, наведе Укренерго на Телеграм.

Дејвид Арахамија, лидерот на партијата Слуга на народот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, изнесе предвидувања дека Русија ќе изврши нови инфраструктурни напади во неделите што претстојат и дека ситуацијата може да биде уште потешка.

Зеленски синоќа изјави дека има рестрикции за електрична енергија во 14 од 27 украински региони.

Ограничувањата влијаат на повеќе од 100.000 потрошувачи во секој од регионите, рече тој.

Погодените региони ги вклучуваат главниот град Киев и соседниот регион.

„Ако потрошувачката се зголеми во вечерните часови, може да се зголемат исклучувањата“, посочи Зеленски во полноќното видео обраќање, повторувајќи го апелот до граѓаните да штедат струја.

Синоптичарите очекуваат продолжување на снежните врнежи во Киев до средината на неделата, а температурите би требало да останат под нулата Целзиусови степени.

Фото: Serhii Korovainyi, Reuters, AP, Brendan Hoffman for The New York Times, The State Emergency Service of Ukraine, Kostiantyn and Vlada Liberov.

Слични содржини