Сушченко за руската анексија: Сведоци сме на нуклеарна уцена и блеф на Путин

од Nikola Popovski

Делумната мобилизација, референдумите во четири украински региони, а потоа и нивно приклучување кон Русија или анексија, се потези од руска страна кои наидоа на недвосмислено отфрлање од САД, ЕУ и речиси сите други земји. Тоа беше видено и за време на заседанието на Генералното собрание на ОН, каде што мнозинството земји одлучија начелно да го поддржат територијалниот интегритет на Украина. Украина, од своја страна, бара најважните земји во светот да го гарантираат нејзиниот територијален интегритет, односно да застанат зад нејзините планови за враќање на овие територии.

Роман Сушченко

Украинскиот политичар и поранешен воен затвореник на Кремљ, Роман Сушченко во разговор за „Локално“, вели дека Путин ги прекрши сите норми на меѓународното право и законодавството на Украина со прогласената анексија.

-Законски, никакви локални референдуми на дел од територијата не се основа за напуштање на Украина. Територијата на Украина се менува само преку сеукраински референдум. Уставот на Украина јасно дефинира: „прашањата за промена на територијата на Украина се решаваат исклучиво со сеукраински референдум“. Путин тврдоглаво и манијакално тргна кон својата цел, истакна Сушченко.

Тој порачува дека резултатите од референдумите никогаш нема да бидат признаени од Украина или која било друга цивилизирана земја во светот.

-Украина ќе го искористи правото на сила да ги ослободи окупираните територии, да ги уништи силите на агресорот и да ги ослободи своите граѓани. Во исто време, воената доктрина на Русија предвидува употреба на нуклеарно оружје во случај на закана за нејзините „територии“. Не исклучувам дека нуклеарен напад би можел да биде главна цел за одржувањето на „референдумите“. Споредна цел е мобилизација на окупираните територии.

Исто така, ќе потсетам дека оваа година вооружените сили на Украина повеќепати гаѓаа воени објекти на Крим, кои Москва исто така „официјално“ ги анектираше во 2014 година. Нуклеарно оружје не беше употребено, што ја потврдува верзијата дека сме сведоци на нуклеарна уцена и блеф на Путин, оценува Сушченко.

Според него, во случај на окупација на регионите Запорожје и Херсон, што е малку веројатно, Украина би можела да изгуби уште 9,2 отсто од својата суверена територија.

-Хипотетички, ако ги земеме предвид областите на претходно окупираните региони Доњецк и Луганск, анектираниот Крим, површината на територијата заземена од Москва би била 22,5% од вкупната површина на Украина. Во овој контекст, релевантни се зборовите на францускиот министер за надворешни работи Талејран упатени до императорот Наполеон: „Бајонетите се добри за се, освен за едно – не можете да седнете на нив“.

Денес, Москва формално го контролира само Крим, дел од регионите Доњецк и Луганск, но не обезбедува безбедност на овие привремено окупирани територии на Украина. Што се однесува до териториите што ги зазеде Русија по 24-ти февруари, малку е веројатно дека агресорот не ги контролира целосно. На овие територии населението им пружа тотален отпор на руските трупи. Таму постојано се забележуваат саботажи, вандализам, убиства на соработници и уништување на воени објекти. Затоа Русите таму вршат насилство, репресија и масовни убиства, вели украинскиот политичар во разговорот.

Тој информира дека НАТО веќе им помага на украинските војници.

-Нашата армија добива високопрецизно оружје, опрема и тешко оружје, разузнавачки податоци од сојузниците. Украинската војска има сериозна обука и маневри на територијата на земјите членки на НАТО. Наскоро во германскиот град Визбаден ќе биде распоредена команда која ќе ги координира акциите во рамките на одлуките донесени во форматот Рамштајн, истакнува Сушченко.

Што ќе се случи по потписот на Путин ќе покаже времето, додава тој.

-Украина ќе продолжи со контраофанзивата со ослободување на привремено окупираните територии. Киев треба да побара забрзано обезбедување моќно западно оружје за Украина и воведување зајакнати „нуклеарни“ санкции против Руската Федерација, да започне процедура за пристапување на Украина во НАТО и веднаш да свика вонредна специјална седница на Генералното собрание на ОН за усвојување Резолуција за лишување на Русија од членство во ОН и нејзините институции, прецизира Сушченко кои треба да бидат следните чекори.

За моменталната ситуација на фронтот, политичарот ја опишува како „многу тешка“.

-Вооружените сили на Украина извршуваат јуришни операции на сите фронтови. Руските трупи во областа на градот Лиман на исток беа опколени. Или ќе мора да се предадат или да умрат. На југ, окупаторите се притиснати врз реката Днипро во областа Херсон. Ракетните и воздушните напади на украинската армија ги прекинаа патиштата за снабдување. Украинската армија методично го уништува непријателот. Тешки борби се водат во регионите Луганск и Доњецк, појаснува Сушченко.

Н.П.

Слични содржини