Суспендиран профилот на Твитер на унгарската влада

од Vladimir Zorba

Официјалниот профил на унгарската влада на Твитер беше суспендиран „без предупредување и објаснување“, рече во средата нејзиниот портпарол Золтан Ковач.

„Се чини дека дојде овој нов доблесен свет, во кој технолошките гиганти ги замолчуваат оние што имаат поинакво мислење. Ги презедовме потребните чекори и очекуваме официјално објаснување од Твитер“, изјави портпаролот на унгарската влада.

Ковач оцени дека „многу е интересно со оглед на фактот дека Европската комисија денес ќе го објави првиот извештај за владеењето на правото“.

Во исто време, Европската комисија, во извештајот за почитување на владеењето на правото во земјите-членки објавен во средата, ги критикува унгарските и полските власти, во време кога растат тензиите во односите меѓу Брисел и Будимпешта, пренесува Радио Слободна Европа.

Според АФП, Комисијата изразува „голема загриженост“ во врска со последиците од судските реформи врз независноста на судиите во Унгарија.

Овој прв извештај опфаќа четири области: ефикасност и независност на судството, борба против корупцијата, медиумски плурализам и слобода на печатот, рамнотежа на моќта и улогата на граѓанското општество.

Во вторникот, унгарската влада побара оставка од потпретседателот на Европската комисија, Вера Јурова, поради „навредливи јавни изјави“ за демократијата во Унгарија и најави дека ќе ги прекине „сите политички контакти“ со неа.

Во интервју за Шпигел, Јурова рече дека Орбан сака да кажува дека гради либерална демократија, но таа попрво би кажала дека тој „гради болна демократија“.

Оваа година, Твитер блокираше неколку твитови на американскиот претседател Доналд Трамп, поради презентација на дезинформации.

Слични содржини