Свеченостите по повод Илинден ќе се одржат во посебни услови

од Берта Китинска

Владата денеска соопшти дека свеченостите по повод Илинден ќе се одржат во посебни услови во согласност со протоколот што го изготви Комисијата за заштита од заразни болести.

Тоа значи дека содржините за одбележување ќе бидат сведени на минимум, со положување венци на спомен обележјата и со обраќања, но без традиционалната културно-уметничка програма и без масовни народни собири на граѓани на отворено и во угостителските објекти.

– Организациониот одбор за прослава на празникот при Владата на Република Северна Македонија, во координација со претседателот на Република Северна Македонија и Собранието на Република Северна Македонија за сите настани коишто традиционално се организираат по повод големиот празник, подготвува услови за спроведување на препораките од протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести. Тие услови оваа година, заради пандемијата со КОВИД-19, ги опфаќаат бројот на учесниците, здравствено-безбедносната организација на местата каде што ќе се одржат свеченостите, транспортот и движењето до локациите и местата за посетителите и учесниците, со обезбедена дистанца и заштита, се вели во денешното соопштение од Владата.

Според агендата, претседателот на државата Стево Пендаровски ќе се обрати на свеченоста во
Меморијалниот центар во Пелинце, претседателот на Собранието Талат Џафери на Мечкин Kамен во Крушево и претседателот на Владата Оливер Спасовски на свеченоста во Скопје. Како дел од официјалната програма и годинава се вклучени и содржините од Смилево со кои ќе се чествуваат 117 години од Илинден и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“.

Целокупната програма на одбележувањето на празникот од Пелинце, Крушево и Скопје ќе се пренесува во живо на Националната радио-телевизија.

Слични содржини