Светските настани што ја одбележаа 2019 година

од Nikola Popovski

Секоја година, насловните вести од светот се чини стануваат се повеќе шокантни од претходната година. Според тоа, ниту 2019 година не се разликува многу повеќе од претходните години.

Оваа година имаше обид за импичмент на претседател, оставки на некои од   најголемите лидери, терористички напади, еколошки протести низ целиот свет…

Во продолжение прочитајте дел од најголемите светски настани, кои ја одбележаа  изминатата година.

Протести

Мирните протести во Хонг Јонг во месец јуни, против предложениот закон со кој се дозволува екстрадиција на осомничените во Кина за нивно судење, преминаа во насилни и создадоа тензична атмосфера.

Наскоро полицијата почна да користи водени топови, солзавец и гумени куршуми кон маскирани демонстранти, кои возвратија со цигли и молотови коктели.

Ситуацијата ескалира кога јавните згради, банките и продавниците беа нападнати, а повремено во прекин беа и главниот аеродром, поголемите патишта и возните линии.

Илјадници се уапсени, стотици се повредени, меѓу кои има и полицајци, а време на демонстрациите животот го загуби еден студент.

Лидерот на Хонг Конг, Кери Лем го повлече предложениот закон за екстрадиција, но протестите продолжија, со нови барања за негова оставка, демократски реформи и истрага за полициската бруталност.

Во ноември започна опсадата на Политехничкиот универзитет, каде што студентите ги складираа молотовите коктели и користеа импровизиран огромен катапулт против полицијата. Многумина од демонтрантите им избегаа на полицијата, оставајќи го универзитетскиот кампус празен и опустошен.

На 25-ти ноември, про-демократските кандидати на Хонг Конг победија на локалните избори за опкружни совети, но протестите се уште не престанаа.

Изминатата година имаше протести и во други земји, како на пример во Чиле, Боливија, Ирак и Иран, каде што судирите со безбедносните сили доведоа до многу жртви.

Трамп

Американскиот претседател Доналд Трамп, продолжува со своите твитови, со што директно влијае на паѓањето и зголемувањето на акциите на берзата, главно поради трговската војна меѓу САД и Кина и неговите повторни и вонредни преговори.

Откако се заканија со воведување на тарифи на производите во вредност од  илјадници долари, САД и Кина во декември постигнаа „прва фаза“ од трговскиот договор, со цел намалување на американските тарифи во замена за купување на повеќе американски земјоделски производи од страна на Кина.

Трамп сака победа во трговската војна пред претседателските избори во 2020 година и евентуалниот импичмент.

Во март, специјалниот американски совет за наводнот руско мешање во американските избори во 2016 година, Роберт Мулер, не најде никакви докази дека Трамп извршил кривично дело, иако тоа не го исклучува од попречувањето на правдата.

Во септември, претседателката на Домот, Ненси Пелоси, објави истрага за импичмент во врска со извештаите дека Трамп извршил притисок врз Украина да помогне во обвинувањата дека неговиот демократски ривал Џо Бајден ги присвоил парите, наменети за помош во одбраната.

Во декември, Претставничкиот дом го обвиниТрамп за злоупотреба на службената должност и опструкција во работата на Конресот. Судењето се очекува да почне во јануари 2020 година, во Сенатот предводен од републиканците, кои што малку е веројатно дека ќе го прогласат за виновен.

Брегзит

Сагата околу Брегзит ја порази британската премиерка Тереза Меј, која трипати не успеа да ја добие парламентарната поддршка за нејзиниот договор за излез од ЕУ.

Во месец мај, таа со солзи во очите објави дека се повлекува, а во јули Борис Џонсон стана новиот британски премиер, добивајќи ја поддршката од конзервативците.

Како и Меј, така и Џонсон не ги добива парламентарните гласови за Брегзит и не успева да го одржи ветувањето за напуштање на ЕУ најдоцна до 31-ви октомври.

Сепак, Џонсон склучува нов договор за Брегзит, добива одобрение од парламентот да одржи предвремени избори и на 12-ти декември обезбедува солидно мнозинство, овозможувајќи му да бара мандат за напуштање на ЕУ.

После големата победа на конзервативците, лидерот на лабуристите Џереми Корбин објави дека нема да ја води својата партија на следните избори.

Првата жена премиер на Шкотска, Никола Стурџон, бара нов референдум за независност, откако нејзината партија извојува голема победа на изборите. Џонсон категорично го одби нејзиното барање.

Терористичкиот напад на џамиите во Нов Зеланд

На 15-ти март, вооружен напаѓач отвори оган во две џамии во Крајстчрч, при што го пренсесуваше живо на социјалните медиуми, убивајќи 51 лице.

Австралискиот радикалист со нацистичка идеологија, Брентон Тарант е уапсен и обвинет за тероризам, убиство и обид за убиство.

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, го донесе законот со кој се забранува употребата на полуавтоматско оружје и јуришни пушки, како одговор за страшното злосторство во џамиите во Крајстчерч. Таа исто така помогна во глобалната кампања за спречување од онлајн објавување на екстремистички содржини.

Најсмртносниот терористички напад во 2019 година се случи во Шри Ланка на празникот Велигден, кога милитантските исламисти извршија самоубиствени бомбашки напади во цркви и хотели, убивајќи над 250 лица.

Како голем удар на тероризмот се смета убиството на  Абу Бакр Ал-Багдади, лидерот на терористичката група Исламска држава. Тој загина за време на акцијата на американските специјални сили во северозападна Сирија на 27-ми октомври.

Климатските промени

Шведската тинејџерка Грета Тунберг стана заштитно лице на младите во нивните барања за единствена глобална акција во врска со климатските промени, над „празните ветувања“ од страна на одговорните лица.

Тунберг, која весникот „Тајмс“ ја прогласи за личност на годината, во септември  го премина Атлантскиот Океан во јахта со нулта емисија стакленички гасови за да присуствува на глобалната конференција за глобалното затоплување во Њујорк.

Таа налутено им кажа на светските лидери „како се осмелуваат“ да не превземат никакви чекори за спречување на глобалното затоплување.

Враќајќи се во Европа, за да присуствува на Конференцијата за климата на ОН КОП 25 во Мадрид, Грета изјави дека состанокот стана можност за земјите да преговараат за прикривање на одговорноста, а не да најдат решенија.

„Глобалниот бран школски протести за климата во текот на оваа година не постигнал никакви резултати бидејќи емисиите на гасови со ефект на стаклена градина и понатаму растат“, изјави таа.

КОП 25 ја одложи регулацијата за глобалните емисии на јаглерод диоксид  до 2020 година, при што генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, забележа дека политичарите немаат волја да остварат вистински напредок.

Слични содржини