СВР Тетово: Казна до 500 евра за пукање на свадба

од Берта Китинска

Неовластеното пукање на семејни веселби може да биде санкционирано како прекршок, но и да биде кривично дело, велат од СВР Тетово.

Од СВР Тетово појаснуваат дека во наредниве два месеца, (јули и август), на поширокото полошко подрачје закажани се и ќе бидат организирани голем број свадбени и други свечености.

– Ваквите свечености минатите години, повеќе или помалку, се карактеризираа со повремени нарушувања на јавниот ред и мир, најчесто со пукање од огнено оружје или неовластено приредување огномети, односно употреба на разновидни пиротехнички средства – вели портпаролот Марјан Јосифоски.

Неовластеното пукање на семејни веселби може да биде санкционирано како прекршок, но и да биде кривично дело.

– Пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок, согласно член 31 се движи од 200 до 500 евра. Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (член 288 од Кривичниот законик) – вели полицискиот портпарол.

Слични содржини