СЗО: 15 милиони долари на Либан за итни здравствени потреби

од Vladimir Zorba

Светската здравствена организација (СЗО) апелираше денес да се обезбеди 15 милиони долари за да се покријат итните здравствени потреби во Либан по експлозијата во Бејрут, што се случи среде економска криза и зголемувањето на бројот на случаи на коронавирус.

Експлозијата, во која загинаа повеќе од 150 и се повредени повеќе од 5.000 лица, уништи 17 контејнери кои содржат медицинска опрема на СЗО, вклучително и лична заштитна опрема, соопшти регионалната канцеларија за Блискиот исток, пренесе Ројтерс.

Пет болници во подрачјето погодени од експлозијата се во функција или делумно функционираат уште од вторникот, а првичните извештаи покажуваат дека многу здравствени центри и установи за примарна здравствена заштита исто така се оштетени или не се во функција.

До 300.000 лица се раселени од своите домови и им е потребна храна или засолниште, што исто така претставува ризик од забрзување на ширењето на Ковид-19 и појава на други болести, изјави претставникот на СЗО во Либан, Имам Шанкити.

СЗО објави дека, заедно со американскиот универзитет во Бејрут, планира да направи проценка за влијанието на пареата предизвикана од експлозијата на амониум нитрат врз животната средина.

Слични содржини