СЗО: Ако ништо не научиме од оваа криза, ќе доживееме нешто уште полошо

од Vladimir Zorba

Главниот експерт за итни случаи на Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека светот ризикува нови пандемии доколку доживее „амнезија“ и ако не учи од сегашната криза предизвикана од ширењето на новиот коронавирус.

„Видов дека амнезијата како да влијае на светот по трауматски настан и тоа е разбирливо“, рече Мајк Рајан на прес-конференција во Женева.

„Но, ако го сториме тоа повторно како што направивме по САРС, по вирусот Х5Н1, по пандемијата Х1Н1, ако продолжиме да игнорираме што можат да и направат нови и опасни патогени на нашата цивилизација, тогаш веројатно повторно ќе го доживуваме истото или полошо за остатокот од животот“, тој рече.

Рајан ги критикуваше и развиените нации, велејќи дека северните земји управуваат со здравствени системи како „нискобуџетни авиокомпании“ и дека сега светот плаќа за тоа.

„На север, поради моделот на управување со трошоците на здравствениот систем, поставивме нашите здравствени системи да се користат 95, 98 или 100 проценти. Тоа е скоро како модел за нискобуџетни авиокомпании за здравствени системи”, рече тој.

„Па сега ние ја плаќаме цената ззатоа што немаме вграден капацитет за брзо проширување на можностите за одговор, затоа што гледаме на здравството како трошок во нашите економии, како товар на развојот, за да ја оптоваруваме економијата и сега треба да размислиме што значи тоа“.

Лидерот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус ги повика државите да не ја политизираат истрагата за изворот на овој коронавирус, велејќи дека тоа само ќе создаде пречки за наоѓање на вистината.

„Треба да го знаеме потеклото на вирусот затоа што може да ни помогне да спречиме појава во иднина“, рече Тедрос.

„Нема што да се скрие. Ние сакаме да го знаеме потеклото и тоа е тоа“, рече тој.

Слични содржини