СЗО: Експоненцијален раст на заразени, пандемијата достигна критична точка

од Vladimir Zorba

Пандемијата Ковид-19 достигна „критична“ точка со „експоненцијален“ раст на бројот на заразени, но со докажани ефективни мерки може да се стави под контрола, соопшти во понеделникот Светската здравствена организација (СЗО).

„Пандемијата достигна критична точка. Таа е во полн ек и експоненцијално расте. Ова не е ситуација во која сакаме да бидеме 16 месеци по избувнувањето на пандемијата, особено имајќи предвид дека имаме ефективни мерки за контрола“, рече Марија ван Керхове, технички директор на СЗО за борба против Ковид-19.

Таа предупреди дека бројот на заразени лица во светот се зголемил за девет проценти минатата недела, а бројот на смртни случаи за пет проценти.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, рече дека сите сакаат да ги отворат општествата и економиите, но дека ќе биде потребно многу време за да се надмине пандемијата.

„Ние исто така би сакале да се отворат општествата и економиите, трговијата да заживее и повторно да патуваме. Но, во моментов, единиците за интензивна нега во многу земји се преплавени со пациенти и луѓе умираат. А сето тоа може да се избегне“, рече Тедрос.

„Ќе треба долго време да заврши пандемијата, но имаме причина за оптимизам“, додаде тој, потсетувајќи дека падот на инфекциите и смртните случаи во првите два месеци од оваа година покажува дека можеме да го запреме коронавирусот и неговите варијанти.

Сепак, продолжи тој, во светот постоеше „конфузија, заплеткување и недоследност во примената на јавноздравствените мерки“, и ова е главната причина за значително ширење на инфекцијата повторно.

Во некои земји, посочи шефот на СЗО, и покрај заразата која продолжува да се шири немилосрдно, рестораните, ноќните клубови и пазарите се отворени и полни, а само мал број луѓе ги почитуваат епидемиолошките мерки.

Најголемиот број новозаразени, посочи тој, е забележан во земјите од Азија и на Блискиот исток.

Тој повтори дека вакцините се „клучна и моќна“ алатка во борбата против ковид-19. Досега се администрирани 780 милиони дози на вакцина ширум светот.

Слични содржини