СЗО: Европа стана лидер според бројот на заразени и починати од ковид-19

од Milan1

Европа од минатата недела е лидер во светот според бројот на инфицирани и смртни случаи од Ковид-19, соопшти вчера Светската здравствена организација (СЗО), откако бројот на смртни случаи се зголеми за пет отсто и со тоа Стариот континент стана единствениот регион во светот со зголемување на смртните случаи од Ковид-19.

СЗО ја информира јавноста дека бројот на смртни случаи од коронавирус насекаде низ светот е стабилен или во опаѓање, освен во Европа.

Најголем број нови случаи низ Европа е регистриран во Русија, Германија и Обединетото Кралство.

Русија вчера имаше нов дневен рекорд на смртни случаи од Ковид-19 – 1.247. Во последните 24 часа биле пријавени уште 36.626 нови случаи на заразени, од кои речиси три илјади се во Москва.

Според Институтот „Роберт Кох“, во Германија вчера повторно беше поставен нов црн рекорд на бројот на нови дневни инфекции – 52.826, со 294 умрени лица. Тоа е за 13.150 случаи повеќе од пред една недела.

Словачкото Министерство за здравство соопшти дека во вторникот се регистрирани 8.342 нови случаи, што е најголема бројка во земјата од 5,5 милиони луѓе досега.

Чешката Република соопшти за 22.479 нови случаи на коронавирус, што е најголем број на зарази во земјата со население од 10,7 милиони од почетокот на пандемијата. Ваквиот дневен пораст претставува зголемување од 54 проценти во однос на една недела претходно и го надмина јануарскиот рекорд од 17.778 инфекции во еден ден.

Повеќе европски земји, загрижени од зголемените бројки на заразени и умрени, се решија на заострување на мерките. Така, Шведска, најлибералната земја во однос на пандемијата, воведува серификати за собирите на затворен простор, мерка, што ја следат и Чешка, Унгарија, Данска….

Слични содржини