СЗО: Имунитет на стадо нема да биде постигнат во 2021 година

од Stefanija Kuzmanovska

И покрај тоа што започна вакцинацијата против ковид-19 во голем број земји, Светската здравствена организација (СЗО) во понеделникот предупреди дека имунитетот на стадото нема да се постигне оваа година.

Земјите ширум светот со нетрпение очекуваат вакцините конечно да им овозможат да се вратат во нормала во наредните месеци, но главниот научник на СЗО, Соумија Сваминатан предупреди дека ќе биде потребно време да се произведат и да се администрираат доволно дози за да се запре ширењето на вирусот.

„Нема да постигнеме никакво ниво на имунитет на население или имунитет на стадо во 2021 година“, рече таа на виртуелен брифинг со новинарите од седиштето на СЗО во Женева, истакнувајќи ја потребата од продолжување на мерките како физичко дистанцирање, миење раце и носење маски за спречување на пандемијата.

Таа го поздрави „неверојатниот напредок“ на научниците кои успеаја да го сторат незамисливото – да развијат не една, туку неколку безбедни и ефективни вакцини против целосно нов вирус за помалку од една година.

Но, нагласи таа, завоведувањето „потребно е време“.

„Потребно е време да се зголеми производството на дози, не само во милиони, туку овде станува збор за милијарди“, истакна таа, повикувајќи ги луѓето да бидат малку повеќе трпеливи.

Сваминатан истакна дека на крајот „вакцината ќе дојде. Таа ќе оди во сите земји“.

„Но, во меѓувреме, не смееме да заборавиме дека постојат мерки што функционираат“, рече таа.

Тврди дека е потребно да се продолжи со преземање на јавните здравствени и социјални мерки насочени кон запирање на преносот на вирусот најмалку до крајот на оваа година.

Слични содржини