СЗО: Истовременото ширење на делта и омикрон предизвикува цунами

од Nikola Popovski

Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус изрази загриженост затоа што истовременото ширење на соевите делта и омикрон предизвикува, како што наведе, цунами од заразени.

Сепак, тој истакна дека се надева дека најлошиот дел од пандемијата ќе остане во 2021 година и дека е рано да се заклучи дека омикрон развива поблага клиничка слика.

Сојот омикрон првпат беше регистриран во Јужна Африка минатиот месец, а веќе стана доминантен во САД и делови од Европа.

Гебрејесус апелираше до сите земји да вакцинираат 70 отсто од своето население до јули. Досега само 92 членки на СЗО од 194 успеале да имунизираат повеќе од 40 отсто од населението.

Според СЗО, бројот на новозаразени минатата недела се зголемил за 11% во светот во споредба со претходната недела. Од 20 до 26 декември се регистрирани околу 4,99 милиони случаи на зарази.

„Многу сум загрижен бидејќи омикрон, кој е попреносен и циркулира истовремено со делтата, доведува до цунами случаи“, рече директорот на СЗО на прес-конференција. Тој додаде дека тоа дополнително ќе изврши притисок врз веќе изморените здравствени работници и здравствените системи кои се пред колапс.

Слични содржини