СЗО ќе испита три лекови кои потенцијално лечат од Ковид-19

од Stefanija Kuzmanovska

Светската здравствена организација (СЗО) денеска објави дека ќе се изврши клиничко испитување на три антиинфламаторни лекови во 52 земји, како потенцијални третмани за пациенти со ковид-19.

Минатогодишното истражување покажа дека од избраните лекови, само кортикостероидите биле ефикасни против тежок и критичен облик на ковид, пишува „Ројтерс“.

„Независна група експерти ги избра артесунат, иматиниб и инфликсимаб поради нивниот потенцијал да го намалат ризикот од смрт кај хоспитализирани пациенти заразени со Ковид-19“, се вели во соопштението на СЗО.

Артесунат се користи против маларија, иматиниб против одредени видови на рак и инфликсимаб за болести на имунолошкиот систем како што е ревматоиден артритис.

СЗО објави дека артесунат, произведен од индиската фармацевтска меѓународна компанија „Ипка“, ќе се користи интравенозно седум дена, во препорачаната доза за третман на маларија.

Иматиниб, произведен од мултинационалната швајцарска фармацевтска компанија „Новартис“, ќе се администрира орално еднаш дневно во тек на 14 дена, а инфликсимаб, произведен од „Џонсон и Џонсон“, ќе се администрира интравенозно како единечна доза.

Слични содржини