СЗО: Луѓето можат да ги заразат животните со коронавирусот

од Stefanija Kuzmanovska

Светската здравствена организација потврди дека луѓето можат да заразат кучиња, домашни мачки, визони, лавови, тигри со коронавирусот, а СЗО го проучува влијанието на вирусот врз другите животински видови, изјави претставничката на таа организација во Русија, Мелита Вујновиќ , за „Спутник“.

„Вирусот ковид 19 се шири главно со пренесување од човек на човек, но има докази за пренесување од човек на животно, бидејќи тоа е зоонотски вирус. Преодниот домаќин сè уште не е идентификуван“, рече таа.

„Некои животни – визиони, кучиња, домашни мачки, лавови, тигри – кои биле во контакт со заразени луѓе, биле позитивни на тестот за ковид 19. Процесот на проучување на ефектите на вирусот врз другите животински видови е во тек“, Објасни Вујновиќ.

Според неа, „важно е да се разбере кои животински видови се најподложни на вирусот со цел да се најдат други потенцијални животни-резервоари и да се избегнат идни епидемии“.

Ограничете го контактот со домашните миленици

Претставникот на СЗО додаде дека оваа организација им препорачува на луѓето со ковид 19 да го ограничат контактот со своите миленици поради можноста за пренесување на вирусот од луѓето на животните.

„Во моментов, се препорачува луѓето со ковид 19 и луѓето од ризични групи да го ограничат контактот со домашните миленици и други животни. Со оглед на тоа дека вирусите се движат помеѓу популации на луѓе и животни, може да се појават генетски модификации на вирусот и овие промени потенцијално можат да имаат последици врз заболувањето на луѓето“, објасни Вујновиќ.

Според неа, „СЗО повикува на внимателно следење на сите промени во вирусот и спречување на какво било пренесување на вирусот од животни на луѓе и можни промени“.

Слични содржини