СЗО: Од почетокот на годината, смртноста од ковид е намалена за 95 отсто

од Stefanija Kuzmanovska

Бројот на смртни случаи поврзани со ковид-19 е намален за 95 отсто од почетокот на годината, соопшти во средата Светската здравствена организација (СЗО), предупредувајќи, сепак, дека вирусот не исчезнал.

Според СЗО, вирусот нема да исчезне наскоро и земјите ширум светот мора да научат како да управуваат со неговите последици надвор од итни ситуации, како што се последиците кои ги чувствуваат луѓето заразени со таканаречениот продолжен ковид.

Тедрос Аданом Гебрејесус, директор на СЗО, додаде дека една од десет инфекции има симптоми на продолжен ковид, што значи дека на стотици милиони луѓе би можело да им треба долгорочен третман.

„Сепак, оптимизмот го црпиме од континуираниот пад на бројот на пријавени смртни случаи поврзани со ковид, кои се намалени за 95 отсто од почетокот на оваа година“, истакна тој на конференција за медиумите.

„Вирусот повторно се шири во неколку земји и 14.000 луѓе починаа во последните четири недели“, рече тој.

Според него, како што покажува појавата на сојот XBB.1.16, „вирусот сè уште мутира и сè уште е способен да предизвика нов бран на инфекција и смрт“.

Марија Ван Керхове, која е задолжена за борбата против ковид во СЗО, рече дека сојот XBB и неговите подваријанти сега се распространети ширум светот.

Шефот на СЗО повтори дека неговата организација не губи надеж да прогласи крај на вонредната состојба во јавното здравство поради ковид-19.

Следната квартална сесија на СЗО на оваа тема треба да се одржи во мај.

Слични содржини